На падините на легендарната планина Липац, викендов се одржа семинарот што секоја година го одржуваме во чест на нашиот учител за Даито рју Аикибудо, шиханот Антонино Черта.
На настанот учествуваа 12 членови на Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето, кои во текот на двата дена неуморно ги вежбаа техниките на јапонската традиционална боречка школа Оно ха Итто рју (Такеда ден).
Во саботата, се вежбаше шест, додека во неделата вкупно пет часа. Ако на ова се додадат искачувањата по планината во текот на двата дена, тогаш слободно може да се каже дека успешно ја одржуваме нашата борбена готовност и кондиција.
За разлика од минатите години, кога спиевме под отворено небо, оваа година преспавме во конаците на преубавиот манастир „Свети Ѓорѓија“.
Освен напорниот тренинг и уживањето во прекрасната и недопрена природа на Липац, неизбежно беше и гравчето во котле кое секогаш се приготвува за саботната вечера.
По завршувањето на семинарот, домаќинот на манастирот ни понуди секоја година да ни ги отвора конаците за преспивање, а таквата понуда со задоволство ја прифативме со цел на настанот да ги привлечеме да учествуваат и нашите помлади членови кои се уште не се навикнати да спијат под отворено небо.
На крајот сите учесници уште веднаш го најавија своето присуство за следната година, што само говори за квалитетниот тренинг и убавината на оваа едноставна боречка школа која плени со својата едноставност и ефикасност.