Под водство на учителот Игор Довезенски, во неделата во скопското доџо на Буџинкан Македонија се одржа семинар за прва помош.
За време на настанот, членовите на Организацијата за изучување
класични јапонски боречки вештини „Пат кон Сонцето“ беа подучувани за начините на давање прва помош на лица кои се повредени во сообраќајни или друг вид на незгоди, на лица со изгореници или жртви на давење во вода, но и при разни ненадејни акутни состојби опасни по животот на најблиските.
Ви пренесуваме дел од импресиите на семпаи Владимир Антовски.
„Среќни сме што Сенсеи денес ни одржа уште еден од оние семинари каде се изучува и другата страна на боречките вештини. Давањето прва помош при повреди, несреќни случаи и разни незгоди е навистина многу важна вештина која може да спаси нечиј живот или да го спаси сопствениот. Поминавме неколку најважни и најчести ситуации како што се давање помош при срцев удар, мозочен удар, задушување, внатрешно и надворешно крварење, труење од издувни гасови и храна, електричен удар, но и помош при разни видови скршеници на коските. Ситуациите беа детално разработени и објаснети од страна на Сенсеи, кој на неверојатен начин ни го пренесе своето огромно знаење“.