Поради кризата предизвикана од вирусот корона, нашето Доџо како и сите други во земјава, беше принудено привремено да паузира со својата работа. На нашите членови им беа дадени насоки и предлози за тоа како да ја одржуваат својата кондиција и своето здравје, а слободното време поради карантинот во кој што се најдовме беше искористено за да се завршат обврските околу новиот двор во Хомбу Доџо-то.
Како што веќе знаете, стожерот (хомбу) на Буџинкан Македонија се прошири за нови 1800 м2, кои ќе бидат претворени во еден вид „светски нинџутсу центар“ односно место кое ќе може да прима ученици и заинтересирани за изучување на Нинџутсу, Буџутсу и Аикиџуџутсу од сите страни на земјината топка.
Земјата која што инструкторот Довезенски ја купи, се наоѓа веднаш зад Хомбу-то и граничи со таканареченото „летно доџо“. На проширениот дел, предвидено е да се изградат четири мали куќички во кои нашите членови односно посетителите, додека се на обука, ќе можат да престојуваат заедно со своите партнери/партнерки или со членови на своето семејство. Останатиот дел ќе биде хортикултурно уреден и претворен во пријатно катче за одмор и рекреација.
Очекуваме наскоро мерките за заштита од короната да се ублажат односно полека да се укинуваат како што вирусот слабее и да почнеме со нормална работа и активирање на нашите тренинзи во Скопје.