Семинарот за Будо Таиџутсу, на тема Такаги Јошин рју, ќе остане во убави спомени на сите учесници што два дена вежбаа и се дружеа во салата „Јасмин“ во Кавадарци.
На настанот учество земаа 35 ученици од доџо-ата на Буџинкан Македонија и Буџинкан Кавадарци. Мајсторот Штефен Фролих одлично си ја заврши својата работа. На свој специфичен начин успеа да го долови начинот на кој оваа вештина се вежба во Хомбу доџо-то во Јапонија.
Шиханот Фролих, кој е докажан пријател на инструкторот Довезенски и истовремено е заљубеник во македонската култура и традиција, за време на петте дена во нашата земја беше во посета на доста интересни историски и археолошки споменици. За време на посетите, водачот на Буџинкан Македонија, кој инаку е етнолог по професија, на многу сликовит начин ја раскажуваше историјата и традицијата на Македонија. Од друга страна, шиханот Фролих го пренесуваше своето искуство од Буџинкан и од тренинзите во Јапонија.
Во саботата, инструкторот Фролих, заедно со членовите на Буџинкан Македонија, пристигна во градот Кавадарци, каде што за прв пат се одржа семинар со шихан од 15 дан. Техниките се развиваа преку овогодинешната тема на Буџинкан Доџо – Роккон Шоџо. Доминираа таиџутсу кати, но се работеше и со Тачи (меч). За време на семинарот, шиханот честопати бараше од инструкторот Довезенски да подучува кати од Такаги Јошин рју и од Кото рју, а на крајот побара сите учесници да демонстрираат по една техника. Нашите ученици тоа го изведоа одлично, така што добија огромни пофалби за тоа.
Организацијата од страна на водачот на доџо-то во Кавадарци, г-динот Благој Таневски, беше одлична. Дружењето во текот на двата дена поминати во неговиот град беше фантастично како и секогаш.
Тоа е пример за добра соработка и за тоа како треба да се изоди патот за да се оствари нешто вредно кое ќе се почитува од сите.