Под покровителство на Јапонската агенција за меѓународна соработка – JICA, како и на јапонската амбасада во Македонија, а на барање од Здружението МАК-ЈАМС од Скопје, Доџо-то за класични јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“ организираше презентација (Ембу) на Буџутсу, Аикиџуџутсу и Нинџутсу (вештините).
Настанот се одржа завчера на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ – Скопје, во присуство на околу триесетина гости, меѓу кои и јапонскиот конзул во Македонија, неговата екселенција Тојоказу Кубота придружен од неговата прекрасна сопруга.
На демонстрацијата учествуваа водачот на доџо-то Игор Довезенски, како и членовите Марко Опачиќ, Зоран Тодоровски, Владимир Антовски, Благица Божиновска, Таки Гаковски и Сања Симонова. Тие пред присутните ги демонстрираа јапонските класични боречки вештини односно школи кои се вежбаат во „Пат кон Сонцето“ – Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, Даито рју Аикиџуџутсу, Гјокко рју Кошиџутсу и Кото рју Коппоџутсу.
На крајот од настанот, за време на скромниот коктел, конзулот Кубота во разговор со Довезенски кажа дека досега никогаш не бил толку импресиониран од некоја Буџутсу демонстрација, особено нагласувајќи дека почустувал неверојатен судир на енергиите меѓу учесниците на демострацијата што го потсетило на „јапонските монаси-воини“ од средновековниот период.