Во организација на Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија, во неделата
(30.09.2007) се одржа семинар во природа на тема Какуши Буки, на кој,
учесниците подробно можеа да научат за скриените нинџа оружја од
школата Тогакуре рју Нинџутсу.
На почетокот на семинарот, учениците имаа можност да се запознаат со
историјата, потеклото и условите за ракување со сенбан шурикен и со
шуко (метални канџи). Потоа се пристапи кон изучување и примена на
техниките со сенбан шурикен (сенбан наге). Покрај основните техники,
учесниците имаа можност да ги испробат и напредните начини на фрлање,
по што увидоа дека треба многу тренинг и пот за да се постигне целта.
По ова, се вежбаше фрлање на бо шурикени, кои важаат за оружје кое бара
доста време и внимание за да се совлада ракувањето со него. Секој
ученик доби на подарок по три бо шурикена, како сеќавање на семинарот.
Потоа се вежбаа основните техники со шуко, а учениците буквално се воодушевија од можностите на ова необично нинџа оружје.
Слободното време кое остана беше искористено за гаѓање со лак и стрела и запознавање со вештината јуми ја џутсу.
На крајот, семинарот се „затвори“ со традиционалното селско гравче,
компир манџа со кумановски суџук и неизбежната шопска салата.
Author: koryu
Нови кју степени во Буџинкан Македонија
Во свечена и опуштена атмосфера, на вчерашниот тренинг во Пат кон Сонцето Хомбу Доџо, беа промовирани три нови кју степени.
Имено, тројца наши членови, по шест месечно редовно вежбање, успешно
положија за девети кју. Станува збор за учениците Марко О., Марјан П. и
Зоран Т., кои со својот труд и залагање успешно ги совладаа техниките
потребни за да се помине првиот и најтешкиот „километар“ од вештината
нинџутсу.
Истовремено, Нела Д. и Марко О., добија пофалници кои се доделуваат за
трудољубивост, трпение, редовност на тренинзи и семинари и севкупно
залагање во клубот.
На сите гореспоменати од се срце им честитаме и им посакуваме понатамошен успех во животот.
Ако со секој нов ден сме подобри од претходниот, сме постигнале голем успех!
Семинар во природа Какуши Буки (Скриените нинџа оружја)
На 30 септември (недела), Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија ќе одржи
семинар во природа на тема Какуши Буки (Скриените нинџа оружја).
На семинарот ќе се обработуваат техники со сенбан шурикен, бо шурикен и
шуко (метални канџи). Станува збор за оружја кои биле користени од
страна на нинџа воините од школата Тогакуре рју (сенбан и шуко), а
учесниците ќе имаат можност да научат за нивната историја, но и да
ракуваат со истите.
Истовремено ве известуваме дека ова е последен семинар во природа за
оваа година. Во последниве месеци организиравме многу семинари од ваков
тип, па поради тие причини, одлучивме да направиме мала пауза, со цел
малку финансиски да зајакнеме.
Исто така, во ноември сме организатори на меѓународен семинар, при што, треба да се потрудиме истиот беспрекорно да помине.
По Нова Година, продолжуваме со старото темпо.
Тема: Какуши Буки
Место: Смкнено
Програма: 08.00 часот – поаѓање од Скопје
09.00 часот – пристигнување
10.00 -16.00 часот – теоретски и практичен дел
17.00 ручек
17.30 враќање назад
Цена: 1.200 денари – во цената е вклучено: семинарска такса, превоз, ручек + Бо шурикен(и)
Семинарот ќе се одржи без разлика на временските услови.
Најава !!!
23.09.2007 – Неделен Хомбу тренинг од 11.00 до 15.00 часот на тема Дакентаиџутсу (удари и блокови во Буџинкан Будо Таиџутсу).
30.09.2007 – Семинар во природа на тема Какуши Буки (скриените нинџа оружја).
24/25.11.2007 – Од оправдани причини нашиот голем
пријател Марио Тушек шидоши го одложи семинарот во Македонија за
следната година. Работиме на тоа да обезбедиме негова достојна замена
за истиот термин.
Марио, Гамбате Кудосаи!
17/18.05.2008 – Нинџутсу Таи Каи во Македонија
(Нинџутсу Собор со мајстор шихан од 15 дан). Името на шиханот ќе го
објавиме по новогодишните празници, а станува збор за еден од
најблиските соработници на соке Масааки Хатсуми. Покрај него, на
семинарот ќе подучува и шихан од 10 дан. Вистински меѓународен празник
за сите љубители на боречките вештини.
Наскоро со подетални информации за сите настани што следат.
Почетен нинџутсу курс за лица со оштетен вид, слух и говор
Со желба барем малку да им го олесни животот на нашите сограѓани со
оштетен вид, слух и говор, Нинџутсу Сојузот „Буџинкан Македонија“
организира бесплатни почетни нинџутсу курсеви во траење од три месеци,
на кои, учесниците ќе можат да ги научат основите на оваа древна
јапонска боречка вештина.
Курсевите ќе започнат од 01.10.2007 година и ќе траат до 31.12.2007.
Сите заинтересирани можат да не контактираат веднаш (види во рубрика
„Контакт“) и да добијат повеќе информации во врска со курсевите.
Школото за борбени вештини Пат кон Сонцето (Буџинкан Македонија) е
Здружение на граѓани вљубеници во јапонските боречки вештини кое не
добива донации од ниту една државна (ниту приватна) организација за
исполнување на своите активности, така што, засега, бесплатните
тренинзи се единствената активност што можеме да ја понудиме на
определени категории на граѓани за кои сметаме дека државата треба
повеќе да води сметка.
Дојдете да се дружиме.
Успешно заврши „Патот на Шугенџа“
Членовите на Нинџутсу сојузот „Буџинкан Македонија“ од Хомбу Доџото повторно направија подвиг достоен за почит.
Имено, по 10 часа постојано пешачење по нерамен, стрмен, на места
исполнет со вода, а на места посипан со трња терен, изодевме 40
километри. При тоа, секој си ја носеше својата опрема во ранец
натоварен на грб. Долгиот пат траеше вкупно десет ипол часа, меѓутоа,
беа дозволени два кратки одмора од по 5 минути, и еден одмор за ручек
(сендвичи) во траење од 20 минути.
Патот од планините Липац до Козјак, во должина од 30 километри, беше
продолжен за дополнителни 10 километри, на општо задоволство на сите
учесници.
Духовното патување почна од вливот на потокот Жувуша во Крива Река, а
заврши на местото наречено Гумно педесетина метри над Карпинскиот
Манастир, сместен на првите изданоци на планината Козјак. Поминавме низ
атарите на селата Довезенце, Стрезовце, Облавце и Сув Ора, а се
вративме преку селата Сув Ора, Руѓинце и Бељаковце. На нашиот пат
сретнавме камени крстови, неколку кладенци, карпи со интересни
геоморфолошки облици, стари напуштени камени куќи изградени во
македонски стил карактеристичен за овој крај, и секако, неколку стари
цркви и манастири (за жал, нагризани од забот на времето).
Покрај научените работи од областа на географијата, медицината,
филозофијата и природата воопшто, станавме побогати за уште неколку
искуства, уште подобро го запознавме нашето тело, нашите физички и
ментални граници ги подигнавме за едно ниво повисоко, а нашето
другарство уште повеќе се зацврсти.
Честитки за сите учесници на семинарот „Патот на Шугенџа“.
Семинар во природа-Патот на Шугенџа
На 9 септември, 2007 година, Буџинкан Македонија организира духовно патување во природа наречено Патот на Шугенџа.
Ова е досега прв семинар од овој тип во нашата земја. Нашите членови си
поставија за цел за изведат 30 километарски марш низ непознат предел,
односно да ја совладат далечината меѓу планините Липац и Козјак, при
тоа, посетувајќи ги попатните цркви и манастири, како и останатите
свети места, каде преку медитација и молитва ќе се надополни загубената
енергија.
Шугендо
е древен јапонски метод кој ги истражува релациите помеѓу човекот и
природата. Во буквален превод, Шугендо значи „Пат на вежбање и
тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да
постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под
водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до
постигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и
менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се
под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни
дни.
За
основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото
во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле
познати, е Јамабуши или Планински Воини.
Тие крстосувале по планинските сртови на јапонските острови посетувајќи и заштитувајќи ги многубројните храмови.
Токму
овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на
диснастијата Танг, се сметат за основоположници на вештината Нинџутсу.
Тема: Патот на Шугенџа / Духовно патување
Најава за септември
1 Септември-Почеток на новиот семестар. Напредните ученици почнуваат со изучување на Џутте (метална палка за одбрана од меч).
2 Септември-Неделен Хомбу тренинг на тема Кенџутсу (вештина на мечување).
9 Септември-„Патот на Шугенџа“. Семинар во природа, 30
километарски марш низ непознат предел, духовно патување со посета на
манастири и цркви. Многу медитација, собирање енергија и ментално
самоусовршување.
На фотографијата е младиот Масааки Хатсуми заедно со својот учител Такаматсу за време на тренинг со Џутте.
Одиме на заслужен летен одмор
Ги известуваме сите наши членови и пријатели дека во текот на месецот
Житар (Август), Школото за борбени вештини-Пат кон Сонцето, како и
Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија, нема да работат. Како што веќе
знаете, тоа е единствениот месец кога си дозволуваме малку одмор и
релаксација.
Истовремено, Ве потсетуваме дека на Вашите маилови ќе биде одговорено после 20 Август.
Со тренинзи започнуваме на 1 Гроздобер (Септември), на старо место и во исто време (и во Скопје и во Битола).
Уписите за новите членови започнуваат од 4 Септември, така што ги
повикуваме сите заинтересирани кои сакаат да ја проучуваат древната
јапонска вештина Нинџутсу, да не контактираат преку нашиот е-маил.
Ви посакуваме пријатен одмор…
Преживеавме… :)
Во услови на вонредна кризна состојба прогласена од страна на Владата
на Република Македонија, настаната поради енормно високите температури
во државава, членовите на Буџинкан Македонија успешно го завршија
семинарот на тема „Преживување“.
За жал, тројца кандидати се откажаа и го напуштија кампот предвреме
поради неподносливата жед која беше предизвикана од дозволените две
матарки вода во текот на првите 24 часа.
Логорот беше подигнат на местото викано „Смкнено“ на ридот „Лачуга“
односно на место без никакви сенки и дрвја, туку само голи карпи и
камења.
Двата дена беа исполнети со постојано уредување на кампот и вежбање на
нашата вештина. Слободно време не беше дозволено, а исто така, беше
забрането седнување на земја. Единствен одмор за двата дена беа
дозволените три часа спиење, кои и не беа искористени на најдобар
начин, поради необичните звуци кои доаѓаа од дувлото на лисицата
сместено во наша близина, а кое го откривме дури следниот ден. Во текот
на ноќта, стражарски групи го чуваа логорот, така што се помина во
најдобар ред.
Следниот ден беше уште потежок бидејќи температурата порасна за уште
некој степен (според термометарот 45 целзиусови), а водата беше
ограничена на само една матарка по човек (односно по нинџа :).
Истовремено, тренингот и уредувањето на кампот си продолжија со речиси
исто темпо.
Во текот на двата дена, нашите членови имаа можност да се запознат (или
усовршат) со вештините на користење на лак и стрела, фукија, шурикени и
меч, но се вежбаше и Интон Џутсу (вештина на невидливост и
камуфлирање), користење на петте природни елементи, техники на бешумно
движење, изострување на шестото сетило (харагеи), разни видови
медитации итн.
Единствена храна за време на целиот семинар беше по едно мало рипче
уловено со раце во блиската (пресушена) река, по четири речни школки
(само се џвакаа, а не се голтаа), по еден компир и по една пиперка
(„позајмени„ од една селска бавча-се извинуваме поради тоа и ветуваме
дека ќе надокнадиме) и по една рака пуканки (исто така „позајмени„).
По завршувањето на кампот, дехидрирани и изнемоштени се спуштивме до
пресушената река, во која ги допивме преостанатите неколку вирови полни
со ларви и црви.
Се на се, водачот на Буџинкан Македонија беше крајно задоволен од
своите ученици (и од себе самиот), затоа што, како што и самиот призна
на крајот, и тој го дал својот максимум.
Голем поздрав до учениците (јунаците) на Буџинкан Македонија од
скопското и битолското доџо: Александар, Марјан Н., Зоки, Марко, Роберт
и Милан, кои успешно го завршија семинарот, со песната „Се гледаме на
микробиологија“ :), а на останатите наши другари од доџото им
посакуваме следната година повторно да се пријават на „Преживување“ и
успешно да го поминат тестот (макар и фатиле глисти во цревата).
П.С. Колаж фотки во „Семинари“ и во „Фото галерија“.