Во организација на Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија, во неделата
(30.09.2007) се одржа семинар во природа на тема Какуши Буки, на кој,
учесниците подробно можеа да научат за скриените нинџа оружја од
школата Тогакуре рју Нинџутсу.
На почетокот на семинарот, учениците имаа можност да се запознаат со
историјата, потеклото и условите за ракување со сенбан шурикен и со
шуко (метални канџи). Потоа се пристапи кон изучување и примена на
техниките со сенбан шурикен (сенбан наге). Покрај основните техники,
учесниците имаа можност да ги испробат и напредните начини на фрлање,
по што увидоа дека треба многу тренинг и пот за да се постигне целта.
По ова, се вежбаше фрлање на бо шурикени, кои важаат за оружје кое бара
доста време и внимание за да се совлада ракувањето со него. Секој
ученик доби на подарок по три бо шурикена, како сеќавање на семинарот.
Потоа се вежбаа основните техники со шуко, а учениците буквално се воодушевија од можностите на ова необично нинџа оружје.
Слободното време кое остана беше искористено за гаѓање со лак и стрела и запознавање со вештината јуми ја џутсу.
На крајот, семинарот се „затвори“ со традиционалното селско гравче,
компир манџа со кумановски суџук и неизбежната шопска салата.