Интервју со Шиханот Ед Мартин „Папа Сан“

Posted on Categories Magazine

Интервјуто со Шиханот Ед Мартин „Папа Сан“, беше направено за време
на семинарот одржан на 17 и 18 мај, 2008 година, во Скопје. Семинарот
беше организиран од страна на Нинџутсу Сојузот Буџинкан Македонија, а
интервјуто го водеше главниот инструктор за Македонија-Игор Довезенски.

Довезенски: Како го добивте вашиот прекар Папа Сан?
Папа Сан: На
моето прво патување во Јапонија во 1988 година, со себе ги поведов и
моите три ќерки, за да вежбаме заедно. На мојот прв час со д-р Хатсуми
тој ме погледна мене и моите три ќерки и рече: “Папа Сан”. Оттогаш,
сите ме завикаа така.

Довезенски: Кога почнавте да вежбате нинџутсу и кој беше вашиот прв учител?
Папа Сан: Кога
мојата најстара ќерка наполни 16 години и ја доби својата возачка
дозвола, побарав од ќерките да почнат да вежбат боречки вештини. Не
сакав никогаш да станат нечија жртва. Почнавме да вежбаме Шорин Рју
Карате кај Кен Серфас. Тоа беше во 1982 година. Вежбавме сите заедно.
По една година вежбање карате, нашиот инструктор посети нинџутсу
семинар и со себе го донесе тоа што го видел таму. Беше многу подобро
од тоа што ние го работевме и така целото школо се преориентира кон
нинџутсу. Во тоа време се обидувавме да вежбаме нешто што не беше така
достапно. Тешко доаѓавме до било какви информации. Да учиш од личните
грешки е тешко за сопственото тело.

Довезенски: Можете ли да ја објасните разликата меѓу нинџутсу во осумдесетите и денес?
Папа Сан:Во
раните осумдесетти речиси беше невозможно да се дојде до добра
информација. Денес тоа е лесно достапно и има многу добри пишани и
одлични видео извори доколку сакате да ги побарате. Денес, исто така,
има квалитетни, квалификувани инструктори. Кога јас започнував, ние
дури не можевме да дознаеме што е тоа “Кихон Хаппо”, или, пак, кои
техники се вклучени во него. Денес сите знаеме дека Кихон Хаппо е
најдобар начин за вежбање на основата.

Довезенски: Разгледувајќи
ги старите магазини за боречки вештини, можам да забележам дека вашиот
камае бил многу длабок и ученички. Денес, како и Соке Хатсуми, во
речиси секоја техника, Вие сте во шизен но камае. Дали тоа доаѓа со
искуството или со годините?
Папа Сан:Кога
почнувавме да тренираме нинџутсу, ставовите беа длабоки. Според мое
мислење, тоа имаше две цели. Едната беше да се постигне поголем степен
на физичка кондиција што е важно за боречките вештини. Обиди се да
стоиш во “јавачки став” 10 минути и ќе разбереш што сакам да ти кажам.
Другата причина беше да ги научиме потребните движења. За да видиш
нешто јасно, мораш да го рашириш, за подобро да го разбереш. На тој
начин се учи. Тие широки ставови се прават додека не се разбере
основата. Шизен е природна и нормална положба, не дава никакви
информации за вашите способности на потенцијалниот напаѓач. Никогаш не
сакаш да му дадеш информација на твојот напаѓач. Кога тој ќе нападне,
заврши ја борбата веднаш. Не му давај втора шанса. Шизен но камае дава
многу можности за движење, со мала „потрошувачка“ на движењата.

Довезенски: Вие сте во осмата деценија од вашиот живот и се уште патувате насекаде низ светот. Зарем тоа не ви преставува тешкотија?
Папа Сан: Една
од највредните лекции, која ја научивме од д-р Хатсуми е “продолжи
понатаму”. Ако го сопреш движењето, можеби подоцна нема да бидеш
способен да го продолжиш. Како во старата поговорка „користи го додека
можеш, подоцна ти е бадијала“. Секако, некои од долгите летови се
исцрпувачки, особено тие од Америка до Австралија, но секогаш морате да
знаете што е важно за вас. Јас сакам да запознам колку што е можно
повеќе луѓе од целиот свет, кои ја владеат оваа вештина, а нинџутсу го
гледам како начин да се направи светот помирно и попристојно место за
живеење. Тие што ги напаѓаат другите, никогаш не мислат дека и самите
можат да бидат повредени. Но ако нивната акција им предизвика болка,
тогаш ќе научат дека не е исплатливо да ја повторуваат акцијата. Колку
од вас, кога биле деца, допреле топла печка? Дали потоа ја допревте
повторно? Најверојатно научивте од првото искуство. Ако можеме да му
обезбедиме соодветно искуство на напаѓачот, тогаш му помагаме да учи.
Соодветно искство за некој што сака да предизвика болка, е таа болка да
ја почуствува самиот. На тој начин ќе научи да не ги повредува другите.
Повратната спрега мора да биде моментална, бидејќи ако се одложува,
тогаш нема да се научи лекцијата. Јас сакам да помогнам да се направи
таа промена во нашиот свет и затоа продолжувам да го правам тоа што го
правам.

Довезенски: Како ја гледате иднината на Буџинкан, дали следниот Соке може да одговори на предизвиците што го очекуваат во 21 век?
Папа Сан: Најпрвин,
иднината на Буџинкан зависи од сите нас. Треба да работиме заедно и да
им помогнеме на учениците да научат. Ако ги искористиме нашите вештини
со цел да го подобриме општеството, тогаш визијата за влијанието на
Буџинкан за подобар свет може да се оствари. Ако се разделиме поради
нашите глупави егоистични ставови, тогаш потенцијалот нема никогаш да
исплови на површина.
Што се однесува до „следниот Соке“, ние дури и не знаеме дали д-р
Хатсуми ќе назначи некој, но несомнено таа личност ќе може да одговори
на предизвиците. Тоа го знаеме од историјата на нинџите, тие секогаш
биле креативни. Секогаш пронаоѓале креативни решенија за нивните
проблеми. Брзото прилагодување било главната карактеристика на секој
нинџа. Затоа сметам дека секој нов Соке ќе биде способен да одговори на
секој предизвик што го очекува. Прилагодливоста е најважна за тоа што
го правиме. Очекувам дека вештините на Буџинкан ќе бидат од неизмерна
корист за луѓето од целиот свет, а грешките што сега се праваат ќе
бидат поправени од самите луѓе.