Интервју со И. Довезенски за „Дневник“

Posted on Categories Списание

Во
овој “луд” свет секоја девојка, но и жена, мора да знае некој вид на
самоодбрана за да може барем на некој начин да се справи со
насилниците. Кога разговарав со една ваша ученичка, ми кажа дека ќе организирате курс каде што ќе се учат мал дел од овие вештини. Што ќе понудите во оваа работилница?

Ќе понудиме концепт што е проверен и ефикасен веќе стотици години. За
време на курсот нема да се учат само физички, туку и ментални техники
на самоодбрана. Тоа подразбира подготовка на умот во кризна ситуација
кога интегритетот на жената е загрозен, во секоја смисла на зборот.
Освен тоа, курсот е замислен да одговори на реални ситуации, како што
се одбрана од напаѓач без и со оружје, но и ситуации кога напаѓачот ќе
нападне со раце, со нозе, со зафат од напред или од позади, кога ќе ја
собори жртвата на земја и слично. Но, можеби најважно од се, е што
учесничките ќе научат како да не дојдат во ситуација да бидат
нападнати, а тоа, секако, повторно се должи на умствените техники.  

Дали жените кои не се во добра физичка форма може да ги користаат овие вештини, знаејќи дека тие се малку поспори во реакциите?

Вештините што се изучуваат во нашето Школо за борбени вештини, немаат
никакви допирни точки со спортот. Нашите членови не тренираат за да
освојуваат медали на натреварите. Вештините кои ние ги изучуваме се
создадени да одговорат на ситуации кога нашиот живот е во опасност. Тоа
значи дека нив можат да ги користат и стари и млади, и дебели и слаби,
нема никакви ограничувања. Ние луѓето самите се ограничуваме, со нашата
слаба воља и со нашето големо его.

Колку кај нас жените воопшто се заинтересирани да посетуваат вакви курсеви?

И јас би сакал да го знам одговорот на ова прашање. Со оглед на тоа што
ова е прв курс од оваков вид во нашата земја, не можам ништо да
предвидам однапред. Но, и да се пријави само една жена за учество во
работилницата, јас ќе бидам среќен и ќе се потрудам да и пренесам дел
од моето знаење. Ако можам да помогнам барем на една личност, да добие
знаење кое можеби некогаш ќе и биде од корист, мисијата е исполнета. Од
друга страна, можам да ви дадам одговор колку припадничките на
понежниот пол се заинтересирани за членување во нашето школо односно на
редовните часови, а одговорот е дека во последно време нивната бројка
се повеќе се зголемува.   

Колку од жените што ќе ја поминат работилницата, се храбри да го употребат наученото?
-Не
станува збор за храброст. Храброста не се учи. Таа се стекнува со
раѓањето и низ животот односно низ ситуациите кои не следат низ него. И
тие што не се храбри, кога животот ќе им биде загрозен, кога
адреналинот ќе почне да расте, ќе направат обид за да се заштитат. Е
тука наученото доаѓа да израз. Но, како што реков, многу е поважно да
научат како да не дојдат во таква ситуација.  

Бидејќи
секоја боречка вештина има своја историја и место од каде што
потекнува, кажете ми нешто повеќе за самоодбраната за жени, од каде
извира оваа умешност?

-Нема
посебна вештина која е создадена да одговори посебно на потребите за
самоодбрана на мажите или на жените. Меѓутоа, во некои од старите
јапонски вештини, како што е Тогакуре Рју Нинпо, има посебна подвештина
која се вика Куноичи Џутсу, а која била изучувана од жените-воини во
феудална Јапонија. Освен што требало да ги совладат сите физички
техники кои ги учеле и мажите, женските воини биле обврзани да
изучуваат и науки како што се психологија, филозофија и медицина, со
цел да бидат ефикасни во борбата против своите непријатели. Ние, како
претставници на спомената вештина за Македонија, од тука ги црпеме
техниките кои ќе се изучуваат на курсот.

Тешко ли е да се совладаат овие вештини и на што воглавно се базираат?
-Би
бил неискрен ако кажам дека е лесно. Позади секој успех стои многу
труд, а богами и многу пот. Членовите на нашето школо ги разбираат
боречките вештини како начин на живот, и затоа не им е многу тешко да
ги совладаат техниките. Кога работиш нешто со голема љубов, тогаш не
постојат никакви тешкотии. За нас е нормално да тренираме четири пати
неделно, уживаме во тоа, а ако случајно испуштиме еден тренинг, веднаш
почнуваме да се чуствуваме како “болни”.
Техниките кои ќе се изучуваат на курсот, се базираат на брза и
ненадејна реакција, измама и неочекувани реакции од страна на жртвата
на нападот.

Со какви предиспозиции треба да располоагаат жените кои сакаат да дојдат и да ја посетат работилницата?
-Единствен
услов е да се чуствуваат доволно здрави. Треба да се “вооружат” со
позитивни мисли, да имат искрено срце и отворен ум. Никакви предиспозии
не се потребни.

Дали ќе има можност заинтересираните да се приклучат на курс во кој би можело подобро да се усоврши ова умеење?
-Вратата
на нашето школо е секогаш отворена за сите кои имаат желба да научат
нешто повеќе за јапонските класични боречки вештини. Зачленувањето трае
во текот на целата година.

Потребно ли е претходно пополнување на некоја пријава?
– Пријавата се пополнува на лице место, пред почетокот на курсот. 

Имате ли лимит колку луѓе може да се пријават?
-Имаме.
Лимитот е предвиден само поради една работа, а тоа е сите учеснички во
работилницата да добијат доволно внимание. Тренингот во помала група е
секогаш поефикасен, но, ако се пријават повеќе од 20 учеснички, би
можеле да организираме уште една работилница за сите кои се
заинтересирани за тоа.

Кои ќе бидат предавачи на работилницата?
-Работилницата
ќе ја водам јас, како главен инструктор на Буџинкан Доџо за Македонија,
помогнат од моите ученици Бојана Груневска и Марко Опачиќ.

Доколу одзивот биде голем, дали има можност да се повтори истата работилница?
-Секако.
Ако има доволно заинтересирани, ќе ја повториме работилницата, но
планираме и следно ниво, во кое ќе се изучува употребата на
секојдневните предмети, кои можат да се најдат во секоја женска чанта,
за самоодбрана во случај на напад.