По линијата на сечивото до Јондан (Полагање за 4 Дан)

Posted on Categories Magazine

-Ок, рече Папа Сан на крајот од првиот ден на семинарот. Тоа што сакав
да видам, го видов на тренингот во четвртокот, денес видов и дека си
способен лесно да се одбраниш од еден противник. Тоа што сакам следно
да го направиш, е да се одбраниш од тројца противници одеднаш. Одбери
тројца.
-Марко, Марјан и Александар, реков, или барем така бев убеден. Ги
одбрав овие тројца, знаејќи дека станува збор за луѓе со високи морални
вредности, чесни, а истовремено и добри „техничари“ во доџо-то.
Личности кои знаат како да нападнат и кои никогаш не удираат во празно.

-Добро, рече Папа Сан. Сакам од вас тројца да напаѓате најдобро што
знаете и умеете. Потоа не погледна сите четворица и рече – Доколку
некој од вас биде погоден во нос или во очи, вие сте исфрлени од игра.
Можете да почнете.
-Александар, земи нож, изустив, покажувајќи на дрвеното танто на подот.
Во тој момент мојот мозок се исклучи целосно.
Тишина…
Единствено што чуствував за време на борбата беше дека напаѓачите се
лесни како пердув и дека ги фрлам на сите страни со невидена леснотија.
Чуствував голема сила, мислев дека можам да подигнам огромна карпа без
никаков напор, но и истовремено да фатам пеперутка во лет без да ги
повредам нејзините нежни крила. Целосна контрола врз моето тело.
Контрола врз противниците и просторот. А нападите ми делуваа спори како
на забавена снимка. И тоа што најмногу ме замисли отпосле. Способност
да убиеш за неколку секунди доколку животот ти е во опасност.
Да не ја прегледав снимката кога си заминав дома, немаше да знам дека
во групата што ме напаѓаше, воопшто не бил Марјан, туку Зоки. Немаше да
знам дека за кратко време го одземав ножот од Александар, и дека,
додека тројцата ме напаѓаа, сечев и бодев со него по нивните тела.
Немаше да знам дека не примив ниту еден удар по моето тело. Немаше да
знам дека почнаа да скокаат врз моите нозе, а дека јас се ослободуваав
повторно и повторно…
-Доволно рече Папа Сан, само да знаете дека сите бевте погодени со
ножот по неколку пати, а вие сепак станувавте и продолжувавте да се
борите, ги прекори тој моите напаѓачи.
-Сега, продолжи стариот, гледајќи ме со неговите продорни сини очи,
треба да го избегнеш мечот. Тој го подигна бокенот високот во положба
Даи Џодан но Камае и замавна со сета сила кон мојата глава. Се обидов
да избегнам со Саншин Сабаки но…банг, бев погоден во клучната коска.
Готово е, помислив. Мојот ум, кој дотогаш беше како мирно езеро, беше
разбрануван со фрлениот камен кој почна да предизвикува се повеќе
бранови. Не смеев да го дозволам тоа. Мислев дека првиот пат шиханот
само ќе ми објасни како треба да избегнувам, и како тој планира да ме
нападне, но…грешката беше моја. Биди спремен кога пред тебе стои
нинџа, вели старото правило. 
Застанав повторно пред него, но сега со енергија која се расипува на
сите страни. Преку техника на дишење се обидов да го вратам мојот мир
назад. Диши длабоко на нос, издишувај длабоко на уста. Но, немаше
време. Вториот удар дојде уште побрзо од првиот. Овој пат бокенот
заврши во мојата глава. Одглумив дека правам укеми, но всушност бев
покосен од силниот удар. За момент ми се стемни, но веднаш станав како
ништо да не се случило. Иако, обложен со 4 мм сунѓер, во внатрешноста
на бокенот се наоѓаше солидно парче дебело буково дрво.
Опушти се, рече шиханот и повторно замавна. Овој пат се извлеков без да ме допре. Некоја сила ме исфрли наназад.
-Повторно, рече Папа Сан. Знаев зошто не е задоволен. Го избегнав
ударот, но бев премногу далеку од него. На тој начин, ќе може да ме
нападне повторно.
Следниот удар дојде веднаш, повторно без предупредување. Само малку ме
закачи по рамото. Повторно не успеав. Ако ударот беше нанесен со
катана, ќе искрварев за кратко време.
Имав уште една шанса. Овој пат го сменив местото. За време на тестот ја
чуствував енергијата на луѓето позади мене. Ја нарушуваа мојата
енергија со нивните измешани чуства. Застанав мирно и се опуштив.
Повторно, невидливата сила ме помдрна само малку во страна. Ги извртев
колковите и вешто го избегнав ударот на шиханот. Бокенот помина покрај
моето лице без да ме допре.
-Одлично, рече Папа Сан. Што се однесува до мене, ти од денес имаш Јондан (4 Дан).
Почнав да се поклонувам на сите страни, додека моите ученици ми
честитаа и ме удираа по рамо. Дури сега почнав да се враќам во
реалност. Малку бев исплашен поради една работа. Се чуствував како
празна вреќа. Никакви емоции. Никаков израз на лицето. Јас ли сум овој?
Јас, кој секогаш „вриел“ од емоции?
Заминав дома. Мојата сопруга ја пушти снимката на малиот екран на
телевизорот. Гледав што се случува. Како да не ми се случувало мене. Не
се сеќавав на ништо. Гледав како ги расфрлам напаѓачите на сите страни.
Како го земам Марјан (во првиот дел од тестот при одбраната од еден
напаѓач) со едната рака и преку грб го префрлам во другата рака и потоа
го фрлам на земја. Како да е кукла наполнета со слама, а не човек од
крв и месо.
Го исклучив телевизорот набрзина. Се обидов да погледнам преку очите на
луѓето кои присуствуваа на моето полагање за 4 Дан. Знаев, дека кога
гледаш од страна ти доаѓат 1000 сценарија во глава за тоа што би можел
да направиш. Но не знаев дали тие знаат колку е тоа тешко кога не си
гледач туку учесник во борба.
Се прашував како е можно, човек кој има повеќе од 70 години, и кој
толку споро и старечки се движи додека оди, да добие толку голема
брзина и сила секогаш кога му треба. Ах, на тоа прашање веднаш си
одговорив. Тој е нинџа…
Дури кога ги прибрав мислите и ја повратив енергијата назад, бев многу
среќен. Положив за Јондан. Знам многу луѓе кој на различен начин дошле
до својот Дан. Во минатото, во една прилика, и мене ми беше подарен без
тестирање. Затоа и не го почитував мојот Шодан (1 Дан), иако и денес
сум благодарен за него. Сите следни Данови ги добив на тежок начин и
така го вратив достоинството.
Една случка допринесе да се чуствувам посебно достоинствен. После
тестот, додека се преслекував во гардеробата, влезе еден од моите
ученици и ме праша – Сенсеи, зошто не ни кажавте дека ќе полагате
денес, ќе можевме да ви кажеме на кој начин ќе ве нападнеме, ќе беше
многу атрактивно. Го погледнав „бледо“ во очи и му одговорив – Ако ви
кажев, немаше да ме почитувате повеќе!
За време на вечерата Папа Сан ме предупреди. Внимавај сега, рече
стариот учител, може ќе се јават многу незадоволни луѓе од нашата
организација. Како и секаде, политика е длабоко навлезена и во
Буџинкан. Ќе почнат да зборуваат многу лоши работи за тебе. Никој не
сака конкуренција во својата близина. Но, д-р Хатсуми е голем човек,
продолжи тој. Соке вели дека ако нема такви луѓе во Буџинкан, како
тогаш ќе знаеме кој вреди, а кој не.
Што добив со мојот Јондан? Отворив уште една врата. Зад оваа врата
видов уште поубави нешта. Убавината на нинџутсу е во тоа што зад секоја
врата гледаш нови пејсажи и сите се поубави од претходните. А најубаво
од се е што има толку многу врати, што не можат да се отворат за време
на еден човечки живот. Потребни се многу генерации за да го сторат тоа.

Сега знам и што е тоа Мушин (реакција без свест). Нема да се обидам да
го опишам. Ќе оставам на моите ученици сами да го почуствуваат.
По кој знае кој пат, ја почуствував егзотиката на Нинџутсу. Покрај
другото, треба да избегнеш меч  за да добиеш шанса да ја отвориш
следната врата. Не треба да полагаш, така што некој ќе те држи за рака,
а ти до бескрај ќе изведуваш техники и кати врз него. Или, пак, некој
ќе те напаѓа со раце и нозе, а ти ќе поентираш со контра техники. Тука
ти треба чуство. Да преживееш. Како знаеш и умееш. Некогаш учителот го
напаѓал ученикот со вистински меч. Малкумина успевале да го поминат
тестот. Но, цели села и области зависеле од способноста на новиот
водач. А тој морал да ја докаже својата вештина со избегнување на мечот
од зад грб. Но, тоа е веќе друга приказна која засега ќе почека. Тоа е
тестот на 5 дан (Сакки).
Јас се уште не можам да зборувам за тоа…Тоа е следната врата што треба да се отвори.