Масааки Хатсуми е роден на 2 Декември 1931 година во градот Нода-ши, во областа Чиба-кен, во Јапонија. Со боречки вештини започнува да се занимава на возраст од 7 години и тоа со Кендо. Подоцна изучувал Аикиџутсу, Џудо и Шито Рју Карате-до (Зен-Беи Бутокукаи). Кај Јаширо сенсеи вежбал Шинден Рју Џуџутсу, а од учителот Уено Такеши ги научил вештините Шиндо Теншин Рју, Асајама Ичиден Рју и Кобуџутсу Џухаппан (Уено патувал во Нода само за да го подучува Хатсуми) за кои добил мајсторски титули. За време на студентските денови, Хатсуми ги испробал западните спортови како што се бокс, гимнастика и фудбал. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности (кабуки театар) и на Факултетот за медицинска остеопатија на Меиџи универзитетот во Токио. По завршувањето на студиите, продолжил со изучување на ориенталната медицина и киропрактиката, а подоцна отвара сопствена Клиника за киропрактика во родниот град Нода.
Во 1957 година, на 26 годишна возраст, преку учителот Уено Такеши, Хатсуми го запознава Тошитсугу Такаматсу, легендарниот учител на Нинпо Таиџутсу познат под името Монголски Тигар. Такаматсу го зема Хатсуми за личен ученик и во наредните 15 години Хатсуми секој викенд патувал по 15 часа долж целиот остров Хоншу за да стигне до градот Кашивабара и трошел илјадници јена, само за да учи од големиот учител. За тренингот со Такаматсу, Хатсуми велел дека бил неверојатен и дека секогаш се чувствувал како да чекори под сечивото на катаната. Откако го поминал сакки тестот (убиствениот тест), Такаматсу Соке на Хатсуми му дава Менкјо Каиден (мајсторска лиценца) за девет школи на борбени вештини. Една година пред својата смрт (1972 г.), Такаматсу на Хатсуми му рекол дека го научил се што знае.
Така, после 15 години подучување, Такаматсу одлучил Хатсуми да биде следниот Соке (поглавар и наследник на традицијата) на девет традиционални борбени школи.
Во чест на својот учител, Хатсуми основа организација која ја нарекува Буџинкан Доџо што во превод значи „Место каде што вежба божествениот воин“.
Во 1961 година, Хатсуми одржува предавања и демонстрации пред Јапонскиот Цар (Тенно) Акихито, при што го запознава со традиционалните нинџа оружја и техники.
Во 1981 година, Хатсуми за прв пат патува надвор од Јапонија за да држи предавања за нинџутсу, а во 1986 година добива награда од најтиражното списание за боречки вештини „Black Belt“ кое го прогласува за најдобар учител на годината.
Во 1987 година, го одржува првиот Таи Каи (борбен собор) во Европа (Лондон), а потоа продолжува да држи Таи Каи семинари низ целиот свет: САД, Шпанија, Шведска, Австралија, Германија, Нов Зеланд, Франција, Аргентина, Италија, Холандија, Португалија и Норвешка.
Буџинден Хонбу Доџо (главното доџо-стожерот) се наоѓа во градот Нода-ши и во него доаѓат ученици од целиот свет, сите со една единствена цел-да ја изучуваат легендарната вештина на нинџа воините. После 20 години патување низ целиот свет по неколку пати во текот на една година за да држи Таи Каи, денес Соке Хатсуми одржува семинари и тренинзи само во Јапонија (Таи Каи Даи Комјо Саи).
За својата работа и подучување, д-р Масааки Хатсуми добил бројни признанија и награди од воени (US Marines, SAS, US Navy Seal, US Delta и др.), полициски (почесен член на Аризона и Тексас Ренџерс, FBI, DEA, NSA, CIA, SWAT и др.) и државни институции (Пентагон, Белата Куќа и др.).
Почесен граѓанин е на многу светски градови (меѓу кои и на Лос Ангелес, Атланта, Даблин).
Добил признанија од големи државници и владетели: Роналд Реган, Џералд Форд, Џими Картер, Бил Клинтон, Маргарет Тачер, Џон Мејџер, Принцот Чарлс, Далај Лама, Нелсон Мендела и многу други.
Во 1995 година, од страна на претседателот на „Зен Ниппон Тодо Ренмеи“ (Јапонската федерација за мечување), Наказава Тоши, на Хатсуми му е доделена титулата Тодо Ханши (велемајстор за вештина со меч).
За својата работа тој добил признание и благослов од Папата Иван Павле II (единствен практикант на боречки вештини во светот што добил вакво признание), а исто така, примил ордени и одликувања од јапонскиот Цар и јапонската влада (Секаи Бунка Таишо, Шакаи, Бунка Корошо, Кокусаи Бунка Еијошо).
Масааки Хатсуми учествувал како советник во филмовите со нинџа тематика:„ Шиноби но моно“ и „Само двапати се живее“ (Џемс Бонд). Како глумец учествувал во серијалот „Сутеки но мама и Џираја (во 50 епизоди го глуми ликот на Јамаџи Тетсузан).
Соке Хатсуми е доктор по остеопатија, има почесен докторат за природни науки од Американскиот Универзитет, почесен докторат од Институтот за електронски истражувања при Вашингтонскиот Универзитет, почесен докторат за остеопатија при Манчестерскиот Универзитет. Тој е уметник на нихонга (јапонски стил на сликање) кој имал свои изложби во Гинза-Нагаи галеријата.
Хатсуми е музичар и пеач, но и писател (Претседател и Директор на Интернационалниот оддел во Клубот на Јапонските литературни уметници 1990-1994 г.)
Има издадено десетина книги и преку шеесетина видео касети и ДВД со тема Нинпо Будо Таиџутсу-Нинџутсу.
Денес, Масааки Хатсуми Соке важи за еден од најдобрите мајстори за боречки вештини во светот, а јапонската влада го смета за национално богатство и поради тоа го одликувала за неговата работа и допринос во развојот на јапонската култура и боречките вештини.