Тошитсугу Такаматсу е роден во 23-та година од Меиџи ерата (10.03.1887), во Акаши, во провинцијата Хјого во Јапонија. Неговата фамилија потекнува од Матсугашима во Исе. Во еден период од семејната историја, предците на Такаматсу биле Даимјо-и на тој реон, со сопствена Хосокуби тврдина. Еден од предците е познатиот Такаматсу Масатоши. Семејството било поврзано и со храмот Амсута. Свештеникот Фуџивара Тошихиро на фамилијата Такаматсу и подарил макимоно запис наречен Аматсу Татара кој го чувал во храмот, а се однесувал на тајните начини на лекување на телото и духот.
Дедото на Тошитсугу Такаматсу, Тода Шинрјукен Масамитсу, имал клиника за коски и доџо за будо во градот Кобе. Во тоа доџо, тој бил соке (поглавар) за боречкиот систем Шинденфудо Рју. Тода бил 8-ма генерација на Тозава Рју Таро и бил потомок на Тозава Хакуунсаи, оригиналниот основач на системот Гјокко Рју Кошиџутсу. Тода имал ранг на самурај, а потекнувал од провинцијата Ига.
Некои членови од фамилијата на Такаматсу потекнувале од Такао, планинскиот дел на Ига, попознат како стожер на нинџа семејствата. Во една прилика Такаматсу изјавил дека само малку луѓе од неговата фамилија го проучувале боречкиот систем нинџутсу, односно по еден или двајца членови од секоја генерација. Тода ги проучувал и школите Шинден Кото Рју Карате (подоцна името е сменето во Кото Рју Коппојутсу), Гјокко Рју Кошиџутсу, Кумогакуре Рју Ниџутсу, Гјокушин Рју Нинџутсу и Тогакуре Рју Нинпо Таиџутсу. Покрај тоа, Тода бил постар инструктор во Бикеншин Рју Кенџутсу, школа која ја изучувале шогуните од Токугава и која тој ја предавал на воената академија во Накано.
Откако ја совладал Шинденфудо Рју, Тода го изучувал системот Кото Рју, а потоа и Тогакуре Рју. Во тоа време, Тода пишувал книга за воената стратегија и поради тоа бил повикан да држи предавања на Царската воена школа. Подоцна, Тода и Такаматсу заедно издаваат воен прирачник (сеуште нема докази дека е пронајден). Војската ги прифатила техниките од прирачникот во сопствениот образовен систем.
Во 1900 година, кога Такаматсу имал 13 години, го напушта средното образование и се запишува во англиското школо на Џорџ Бундов и во Кинеското класично школо во својот роден град Кобе. По некое време се приклучува на школата Такаги Јошин Рју, каде учителот Мизута Јошитаро Тадафуса бил 15-ти соке. Вредно тренирал во неговото доџо секој ден и кога наполнил 17 години Мизута му дал Менкјо Каиден (лиценца) за Такаги Јошин Рју.
Од учителот Ишитани Матсутаро Такекаге (роднина од татковата страна), Такаматсу ја научил вештината Куки Хаппо Бикен но Џутсу (вештина на скриеното оружје против деветте демони во осум правци – Кукишинден Рју). Покрај оваа школа, Ишитани вежбал и нинџутсу од различни аспекти, а го подучувал и Такаматсу на други вештини каде што исто така бил соке. Тоа биле Хон Таи Такаги Јошин Рју (Такаматсу тоа веке го научил кај Мизута), Гикан Рју Коппоџутсу и Шинден Мусо Рју.
По смрта на својот дедо Тода, Такаматсу заминал во Кина. Една од причините за неговото заминување била желбата да го испроба своето знаење, бидејќи тоа веќе не било можно во Јапонија, каде биле донесени строги забрани за употреба на вештините на старите школи. Така, тој заминал да работи во Кина кај воинствените војсководци распрскани низ оваа голема земја.
На патот за Кина, поминувајќи низ Кореа, Такаматсу учел кај учителот Ким Кеи-меи. Подоцна, мајсторирал уште 18 кинески и корејски боречки вештини. Тој минал низ пределите Тенсеин, Монголија и Манџурија, каде служел кај многу господари и се задржал цели 10 години. Додека талкал низ Кина, Такаматсу бил предизвикан на двобој во неколку борби. За да преживее, тој подучувал боречки вештини. Во еден момент од животот во Кина, Такаматсу предавал во англиско училиште каде што имал околу 1000 ученици. Многу стари мајстори по боречки вештини доаѓале да го предизвикаат на борба младиот Такаматсу. Тоа било време кога единствен начин да се задржи кредибилитетот како боречки мајстор и учител било да се прифати секој предизвик за борба. Тој се борел против сите предизвикувачи и не загубил ниту една борба, иако имал неколку нерешени. Во дневникот на Такаматсу е запишано дека во 12 борби тој морал да се бори до смрт и дека имал 7 организирани и официјални натпреварувачки дуели. Сето ова се случувало до периодот кога Такаматсу наближувал до својата 30-та година. Поради начинот на кој се борел, Такаматсу во Кина бил познат под прекарот Монголски Тигар.
Во 1919 година, Такаматсу се врака во Јапонија. По кратко време заминува во храмот Тендаи на планината Хиеи во Кјото, каде се замонашува. Иако велел дека не е премногу религиозен, поради неговиот прилагодлив дух тој изучувал три различни религии. До крајот на својот живот се молел за луѓето кои ги убил во дуелите и велел дека често грешел во својата младост.
Кога подостарел, Такаматсу отворил чајџилница и хотел во градот Кашивара, во провинцијата Нара во Јапонија. Таму отворил и доџо кое го нарекол Сакушин.
Такаматсу бил ангажиран и како советник и координатор за боречки вештини во филмот Шиноби но Моно, при што ги учел глумците техники од нинџутсу школите.
Во 1950 година, кај Такаматсу доаѓа да учи 26 годишниот Масааки Хатсуми. Дотогаш Хатсуми учел кобудо (класични боречки вештини) кај учителот Уено Такаши, кој, пак, бил ученик кај Такаматсу сенсеи. Еден ден Уено му кажал на Хатсуми дека повеќе нема што да го подучува и дека ако сака повеќе да научи тоа може само од учителот Такаматсу. Тогаш Хатсуми заминува во Нара да го пронајде легендарниот Монголски Тигар. Хатсуми веќе имал високи (дан) степени во неколку боречки вештини како што се Карате и Аикидо, а најдобар бил во Џудо (4 дан), поради што и одржувал тренинзи во американската база во Зама.
Освен Хатсуми, Такаматсу имал и други уценици: Акимото Фумио, Уено Такаши, Такеучи Кикакусаи, Ханаока Нангаку, Сато Кинбеи, Коба Коширо и др.
Еден ден, Такаматсу и Хатсуми седеле во собата за гости и Такаматсу му рекол на Хатсуми да ги затвори очите и да медитира. Хатсуми слушнал како Такаматсу ја напушта собата и се симнува по скалите, меѓутоа не слушнал кога Такаматсу повторно влегол во собата, бидејки тој ги користел нинџа методите на тивко движење и влегување (шиноби ири). Тогаш, Такаматсу го нападнал Хатсуми од зад грб со катана изведувајки ја техниката џумонџи кири. Носен од некоја невидлива сила, Хатсуми се извлекол на страна и го избегнал нападот. Тогаш, Такаматсу му рекол дека го положил сакки тестот. По ова, стариот воин на Хатсуми му дава менкјо каиден со што Хатсуми станува поглавар на девет традиционални боречки школи.
На останатите свои ученици, Такаматсу им соопштил дека одлучил Хатсуми да ја пренесува традицијата и го прогласил за соке на девет ратнички вештини.
Откако Хатсуми и официјално станува соке, ја создава организацијата Буџинкан во која се вклучени сите девет традиции односно школи кои му ги пренел Такаматсу Сенсеи. Така, новиот соке создал свое доџо со свои правила.
Во 1972 година, на 85 годишна возраст, Такаматсу сенсеи умира. Иако прекинува со тренинзите на 80 години, тој и понатаму продолжил да ја надгледува работата на Хатсуми кого го чувствувал како свој син.
Такаматсу бил член на Шобу Буреау, бил поранешен претседател на Ниппон Минкоку Сеинен Ботоку Каи (Организација на боречки вештини на јапонската младина) и бил познат во Јапонија како учител по Џуџутсу и Буџутсу. Од деветте школи, во Јапонија бил најпознат како учител за Кукишинден Рју. Се зборува дека кога умрел неговите соседи биле шокирани од сознанието дека покојниот бил голем учител на последната древна школа на нинџутсу – Тогакуре Рју.
Такаматсу Тошитсугу бил голем човек и жив пример за вистински боречки мајстор. Поради брзиот начин наживот и големите промени што се случуваат денес, тој бил можеби последниот од големите Самураи. Еден ден неговите приказни за борбите и за духовните мудрости ке станат дел од историјата и ќе се проучуваат на училиштата исто како што денес се учат лекциите за Мијамото Мусаши.
Учениците на Буџинкан се срекни што можат да ги вежбаат вештините што Такаматсу ги оставил зад себе, живеејки го својот живот според принципите на Будо-то.