Седмиот по ред Летен Нинџа Камп кој оваа година беше одржан под името Интернационален Корју Камп – успешно заврши. Преименувањето беше сосема оправдано ако се земе предвид дека покрај гостинот-предавач од Русија, Сергеј Бабкин, оваа година за прв пат имавме и учесник од Полска.
Деветдневниот настан кој се смета за еден од најважните и најинтензивните во Буџинкан Македонија, според зборовите на партиципиентите и оваа година беше беспрекорно организиран. Тренинзите беа поделени меѓу инструкторите Игор Довезенски и Сергеј Бабкин, така што деновите изобилуваа со активности од утро, па до мрак.
Секој ден започнуваше со утринско трчање и истегнување на телото, а после доручекот учесниците ги изучуваа тајните на борење со долг стап (Боџутсу) на вештината Кукамишин рју. За ова беше задолжен инструкторот Сергеј Бабкин, кој исто така, секојдневно „држеше“ тренинзи и за начините на рехабилитација на телото преку специјални начини на истегнување на мускулите (Џунан Таисо).
Шидоши Игор Довезенски ја предаваше вештината на борење со тело Шинден Фудо рју Џутаиџутсу, а беше одговорен и за кондиционата подготвеност на учесниците односно за зајакнување на мускулите на телото преку специјални вежби (Џунан Ундо). Освен ова, инструкторот на Буџинкан Македонија не ги запостави ниту таканаречените „Ноќни Нинџа Акции“, кои секоја година го прават овој настан толку примамлив и познат.
Што се однесува до другарувањето, како и секоја година тоа беше на највисоко можно ниво. Деветдневното дружење создава неверојатно длабоки врски меѓу членовите на нашето доџо кои стануваат темел за уште поголема соработка во периодот кои следи во иднина.
За храната, организаторите и оваа година добија највисоки оценки. Природна и свежо набрана директно од бавчата што се наоѓа пред Хомбу Доџо-то. Внимателно одбрана и сервирана за да ги надополни сите загубени материи во телото, а истовремено да даде сила за тешките и напорни тренинзи.
На крајот останува да се пренесат импресиите на учесниците кои секоја година нагласуваат дека легендарните Кампови на Буџинкан Македонија не само што стануваат синоним за тежок и напорен летен тренинг, туку се повеќе служат како патоказ на останатите клубови во Европа за тоа како треба да се организира настан со сличен формат. Ние и понатаму ќе продолжиме да го подигнуваме стандардот на Буџинкан во светски рамки, а секако ќе го зголемуваме и квалитетот на нашите Летни Кампови.
Следниот Интернационален Летен Корју Камп VIII ќе се одржи повторно на истиот датум (04-12 август, 2016) и повторно покрај инструкторот Игор Довезенски ќе биде поканет уште еден учител со светско реноме, бидејќи нашиот стремеж е секоја година да покануваме различни инструктори, а се со цел уште подлабоко да навлеземе во тајните на традиционалните јапонски борбени вештини.
До следната година…