За време на семинарот насловен како „Нихон но Канкаку“, шидоши Игор Довезенски се обиде да пренесе дел од катите што тој ги научи од своите учители за време на неодамнешното усовршување во Јапонија. Покрај тоа, тој си зададе задача да пренесе малку и од личните чувства здобиени во текот на патувањето во Земјата на изгрејсонцето.
Првиот ден од семинарот, помина во вежбање на техниките од богатото наследство на Такаматсу Тошитсугу, кои денес се дел од организацијата „Буџинкан Доџо“. Учесниците уживаа во тренингот со меч (катана), стап (бо), бодеж (кунаи) и ланец со тегови (кусари фундо).
Вечерта, пак, беше резервирана за предавање за јапонската култура и традиција, поткрепено со многу фотографии и клипови кои инструкторот на „Пат кон Сонцето“ ги направи во земјата на самураите.
Вториот ден беше резервиран за Даито рју Аикиџуџутсу, како и за кати од други класични боречки вештини кои Довезенски ги вежбал со познати и реномирани јапонски учители.
Веднаш по семинарот и дел од учесниците се обидоа да пренесат малку од своите чувства:
-Можам да кажам дека ова беше можеби еден од најкомплексните семинари на кој сум присуствувал во Хомбу Доџо и за кој беше потребна и физичка и ментална сила. Беше исполнет со многу техники, со и без оружје, а како бонус ни беше претставена и нова корју школа која сенсеи ја вежбал во Јапонија. Нејзините кати беа како играње танц со противникот, како мирна вода која те носи до водопат од кој ти нема спас.
Саботата вечер имавме можност да се запознаеме со Јапонија преку слики, видеа и куден. Дефинитивно неверојатна земја која мора да се посети. (Владимир А.)
-Ова ми е втор семинар во Хомбу и морам да кажам дека супер си поминав. Од катите што ги изучувавме имаше по нешто за сечиј вкус. И грубо и нежно и елегантно… а за се останато тука е кунаи-то :))) Многу го сакам ова оружје и ми дојде добро што се потсетив.
Вечерната презентација многу ми се допадна, иако бев изморена. Сенсеи толку беше внесен во раскажувањето, што успеа сите накратко да не пренесе во Јапонија. Се на се, одличен викенд семинар, 10 out of 10, would do it again 😀 (Благица С.)
-Сосема е различно да имаш тренинг во доџото во Скопје и во Хомбу. За овие два дена имавме околу 12ч тренинг + 4ч интерактивна презентација на патувањето на Сенсеи во Јапонија. Имаше толку многу кати, техники, оружја, паѓања и тркалања што едноставно добиваш чувство дека не би правел ништо освен да вежбаш. И нема друга облека освен кеико ги и нема друго место под Сонцето за тебе освен прекрасната природа таму и не ти треба друго друштво освен клубските другари. Сериозно!
Да се вежба со толку многу семпаи е прекрасно, им благодарам за се што споделуваат со нас помладите. Таму имаш време колку сакаш за повторно и повторно да пробаш, да прашаш некој од постарите. Сенсеи е цело време со нас и за разговор и за тренинг и за шега и смеа 🙂 За тие два дена паѓаш и стануваш над 1000 пати, јадеш ќотек квалитетно (си дојдов со воспаление на целиот рамен дел и грб), ама чувството е неверојатно, се осеќаш прочистен физички, ментално и духовно, ти се отвараат нови апетити за осознавање и разбирање на вештините, ти се зајакнува љубовта и потребата за соживот, се зајакнува телото и духот, имаш огромна благодарност кон животот затоа што едноставно дишеш, движиш, живееш…
Инаку многу ми се допаднаа кунаи и кусари фундо (прв пат ги пробав). Си ги гледаш слабостите, гледаш каде не си обрнал доволно внимание. Камае! Кузуши! Киаи! Новата корју школа ни подотвори поинаков прозорец, раскажувањето за Јапан беше магично, фасцинантно, но за тоа има уште што да се раскажува!!!
Се на се, концептот за двата дена беше одличен, мене лично времето ми помина многу брзо и не ми се враќаше во Скопје. Еден од најсодржајните семинари во најубавото друштво! 🙂 (Сања С.)
-Одличен семинар, одлични техники, одличен помин. Секој тренинг по три саати, исполнет со многу материјал. Имавме можност да видиме како изгледаат и некои други корју школи. Лично јас се соочив со многу нови оружја. Главата најдобро ми знае од стапот што го окркав :))) Ама се вредеше, навистина. Ви благодариме Сенсеи за добрите техники и за убавиот викенд. (Таки Г.)