Во Хомбу Доџо-то на Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини „Пат кон Сонцето“, денес се одржа полагање за шодан (прв дан). По успешната презентација на своето знаење, нашиот долгогодишен член Зоран Тодоровски се стекна со мајсторското звање „шидоши хо“ и со тоа стана четвртиот Македонец носител на оваа престижна титула. Новиот јуданша, успеа да дојде до неа после седум години непрекинато и редовно вежбање во Буџинкан Македонија и учество на многу меѓународни и домашни семинари. Успехот е уште поголем, доколку се знае колку е строг начинот на оценување на знаењето во организацијата Пат кон Сонцето и ригорозноста на главниот инструктор, шидоши Игор Довезенски.
Шидоши хо Зоран Тодоровски е еден од најпочитуваните членови на доџо-то и истовремено е водечка мотивација во истото. Тој ги започна тренинзите во Буџинкан Македонија на 37-годишна возраст, кога за прв пат во животот се сретна со боречките вештини воопшто. Тодоровски покажа и докажа дека годините не се важни доколку се има љубов кон вештината и доколку се поседува воља за успех. Од се срце му честитаме на новиот шидоши хо и му посакуваме уште многу успеси во иднина.
Нинпо Иккан!