Пат кон Сонцето е некомерцијална организација која е посветена на изучувањето на традиционалните јапонски борбени вештини. Таа е основана во 1995 година, од страна на Игор Довезенски, единствениот Македонец носител на неколку титули во неколку
различни класични борбени школи (рју-ха). Од основањето, па до
денес, организацијата работи без прекини и секојдневно одржува тренинзи за своите членови.
Истата година (02 јули, 1995), во рамките на организацијата почнува со работа првото нинџутсу доџо* во земјата – „Буџинкан Македонија“. Засега, тоа е единственото признаено доџо во нашата држава, од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми. „Буџинкан Македонија“ се уште важи за еден од најдинамичните клубови во Европа, со многубројно и активно членство, што само зборува за квалитетот на знаењето што се добива во доџо-то.
Во 2010 година, односно петнаесет години од отворањето на „Буџинкан Македонија“, во Пат кон Сонцето почнува со работа „Даито рју Македонија – Корју Доџо“. Во него се изучуваат две јапонски боречки школи: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју
Кенџутсу (Такеда-ден). Доџо-то е рамноправен член на Интернационалната Даито Организација (International Daito Kai), под раководство на единствениот нејапонски шихан за Даито рју Аикибудо, Антонино Черта.
На почетокот на 2013 година, инструкторот Довезенски станува ученик на шидоша Ерик Лоув, а неколку месеци подоцна дава крвна заклетва (кеппан) пред шиханот на Теншин Шоден
Катори Шинто рју Буџутсу, Нобутоши Отаке. Во септември, истата година, со дозвола и под менторство на шидоша Лоув, почнува со работа „Катори Шинто рју Македонија“ односно третото доџо во Пат кон Сонцето.
Игор Довезенски е првиот и засега единствениот Македонец од Република Македонија што заминал во Јапонија со цел интензивно да ги проучува и вежба јапонските традиционални боречки вештини. За време на престојот, тој имал можност да учи директно од основачот на Буџинкан Доџо – д-р Масааки Хатсуми, како и од легендарниот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – шиханот Рисуке Отаке. Исто така, Довезенски е единствениот Македонец што вежбал Даито рју Аикиџуџутсу во Јапонија, како и други класични боречки вештини кои потекнуваат од Земјата на изгрејсонцето.
Без никаква намера за експанзија или лична слава, следен единствено од љубовта кон традиционалните јапонски боречки вештини, Игор Довезенски ја создава единствената организација во Македонија во која што може да се вежбаат најпознатите јапонски класични самурајски и нинџа стилови на борба.
Организацијата за изучување на традиционалните јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, досега организирала над тристотини домашни и околу триесетина меѓународни семинари
со учество на најпознатите светски мајстори за корју.
Покрај членувањето во неколкуте најреспектирани интерконтинентални организации, Пат кон Сонцето е отворена за соработка и размена на знаењето со сите ентузијасти кои имаат заеднички интерес од областа на јапонските класични вештини.
* доџо (道場) – место за усовршување на Патот