Стигнавме до крајот. Дојдовме до последниот семинар (седми по ред) „Преживување во природа“ што ќе биде организиран од страна на организацијата Пат кон Сонцето и Буџинкан Македонија.
Минатата година шидоши Игор Довезенски пред учесниците на настанот изјави дека нема намера повеќе да организира семинар на кој се појавуваат исти ученици, кои се веќе докажани. Тој спомена дека во последните неколку години не гледа причина да организира настан на кој подмладите ученици немаат предизвик или храброст да учествуваат. Само вака, според инструкторот Довезенски, семинарот ќе се зачува во спомените како нешто недостижно за повеќето „обични луѓе“.
За што станува збор? Пред седум години, Довезенски го создаде семинарот со наслов „Преживување во природа“ на кој членовите на Буџинкан Македонија требаше да ја тестираат својата воља и издржливост до крајните граници. Како што годините изминуваа, така секоја година стандардите и предизвиците беа поголеми, но истовремено и се помалку ученици се пријавуваа за учество. Во последните две-три години, само мала група на членови останаа доследни и бестрашно влегуваа во оваа авантура (и најчесто) успешно ја совладуваа.
Шидоши Игор Довезенски отсекогаш велел дека Будо може да вежба секој и секаде. Дека сигурноста што ја овозможува атмосферата во доџо-то воопшто не дозволува некому за да се нарече воин. И најважно од се, Довезенски отсекогаш велел дека нинџутсу може да се вежба само со близок контакт со природата и преку тестирање на издржливоста (физичка и ментална) до крајните граници.
Епа, ова е последна прилика за тоа:
За храбрите, за одважните.
Два пеколни дена, далеку од цивилизација, без храна и само литар ипол вода, без дополнителна облека и хигиенски средства. Два дена вежбање, медитација и голо преживување.
Место: С’мкнено (26 км. до најблискиот град и болница / пустински услови)
Време: 27 и 28 јули, 2013 година
Пријавување најдоцна до 18 јули, со цел да се избегне калкулирање со временските услови.
Почеток: 07:00 часот (сабота)
Враќање: само Господ знае
Прочитај убаво и размисли!!!
Maкедонија е позната по пеколните летни температури предизвикани од таканаречените „африкански бранови“. Најтопло е во последните денови од јули, кога температурата се искачува и над 45 целзиусови, а индексот на сончевото зрачење е на максималното ниво.
Пред семинарот, секој учесник во сопствена организација треба да си направи соодветни лекарски прегледи и да добие усмена или писмена потврда од лекар дека е психофизички здрав и целосно подготвен за дводневен екстремен напор (под врелото летно сонце), без храна и вода, а проследен со тежок тренинг и тричасовен сон.
Секој учесник доброволно се пријавува на семинарот и сноси сопствена одговорност за евентуалните последици настанати по неговото здравје или живот!
Настанот е отворен за сите и на него можат да учествуваат сите граѓани на Македонија (и од надвор) со наполнети 18 години.
Дозволена опрема: вреќа за спиење, шаторско крило, војничка униформа (панталони и кошула), една маица, капа, еден пар гаќи (широки), еден пар чорапи, јаже, нож и шише од литро ипол (празно).
Важно: забрането носење храна, вода и останати работи кои не се наведени погоре. Пред поаѓање, ќе има задолжителна проверка.
Најважно: семинарот е предвиден само за цврсти момци и девојки. Условите за тренинг ќе бидат исклучително тешки, а дисциплината ќе биде железна. Тие кои не се чуствуваат психофизички спремни за да „влезат во пеколот“ и кои не се подготвени да го убијат сопственото его, ги молиме да не се пријавуваат на семинарот. Имајте во предвид дека температурата на воздухот може да се искачи над 45 целзиусови. Забрането седнување на задник за време на семинарот (во текот на двата дена) и потпирање на сите четири екстремитети истовремено. Само три часа спиење, останатото време тренинг.
Забрането жалење, изговори и плачење за време на семинарот.
Појаснување: Дозволена количина на вода за пиење за двата дена: 1.5 литри.
Неколкупати досега сме слушнале дека „чим е дозволено литар ипол вода и не е толку страшно“. Должни сме да Ви појасниме дека таа количина на вода, под врелото сонце, се губи во првите неколку часови од тренингот. Течностите од Вашето тело испаруваат преку потење, дишење и зборување. Вие во текот на двата дена постојано имате активности кои предизвукуваат потење, а при тоа не смеете да седнете ниту за миг и да се одморите. Нема сенки, нема дополнителни количини вода. Размислете добро!!!
Се гледаме наскоро во „дупката“.