Ја преживеваме последната битка со природата и со тоа ставивме крај на едно прекрасно дружење и себеспознавање. Ставивме крај на едно екстремно тестирање за кое ќе раскажуваат и следните генерации на нашето доџо.
Седум години по ред, воините на Буџинкан Македонија ја ставаа на тест својата издржливост и упорност преку невиден подвиг, познат под името „Преживување во природа“. Но се што е убаво има свој крај, па така го завршивме и ова патешествие.
За среќа повторно успешно!
Викендов што измина, за последен пат, единаесет членови на доџо-то земаа учество во „последната битка“ со природата и со самите себе. Од нив осуммина успеава да „преживеат“ и да ја добијат борбата со својот ум и со своето тело. Тројца од пријавените и покрај огромната желба, не успеава да ја издржат голготата под врелото сонце. Нивното тело попушти и мораа да се откажат пред време.
Семинарот започна во 08.00 часот во саботата, кога групата се упати кон местото викано С’мкнено. Станува збор за природно свлечиште сместено меѓу два речиси голи ридови, каде нема никаква сенка односно заштита од жешкото сонце. Целиот терен изобилува со песок, камења и карпи, а самата средина е примамлива единствено за некои видови инсекти и диви животни.
По пристигнувањето веднаш се започна со тренинг и средување на логорот и така наизменично до 23.00 часот, со цел да не се дозволи негативните мисли да преовладаат, а истовремено телото и духот да се стават под огромен притисок.
Првиот ден од семинарот, се откажаа двајца од пријавените. Напорниот тренинг и високата температура на воздухот, која изнесуваше 37 целзиусови степени, но и дехидрација поради малата дозволена количина на вода за пиење, си го направија своето. Кај нив се појави притисок во градите проследен со силно срцебиење, неконтролирано потење и нарушување на срцевиот ритам.
Ноќта помина во најдобар ред, со чување стража и со тричасовно спиење, кое всушност е единствениот одмор каде е дозволено целосно седнување односно залегнување.
Во неделата во 05.00 часот пред изгрејсонце, воините веќе будни се упатија на ближниот рид каде се започна со кенџутсу тренинг. Околу 05.30 часот, учесниците го поздравија изгревањето на сонцето, а потоа продолжија со тренингот.
Во 09.00 часот, тие започнаа со медитација во коритото на исушениот водопад, а потоа со силен марш групата се упати кон местото „Стари Лозја“, каде што продолжи со вообичајните активности.
Вториот ден температурата на воздухот беше за еден степен помала (36 целзиусови), но заморот беше видно зголемен, па така уште еден член мораше да се откаже поради сончаница која почна да предизвикува проблеми со ориентацијата, а подоцна предизвика силна главоболка проследена со повраќање.
Во 16.00 часот, водачот на Буџинкан Македонија прогласи крај на семинарот, по што учесниците се вратија на стартната точка каде што добија вода и овошје со цел да ја повратат силата назад.
Така, заврши овој голем настан за Буџинкан Македонија, кој седум години по ред го организиравме и на кој секогаш со задоволство и гордост ќе се сеќаваме.
На сите учесници кои „преживеава“ им честитаме што станаа дел од историјата на доџо-то, а на останатите кои се откажаа, исто така им честитаме за покажаната храброст да земат учество на настанот.
Нинпо Иккан!!!