На местото викано Заевац, на падините на мистичната планина Липац, викендов се одржа мини камп на кој учествуваа десетина членови од Буџинкан Македонија од сите возрасти.
Сместени во одлично организиран Нинџа логор, во шатори и во вреќи за спиење, со храна зготвена во котле и на отворен оган, учениците на доџото уживаа во атмосферата и во идилата на природата.
За време на настанот, учителот Довезенски предаваше техники со Кунаи, Сенбан и Шуко од школата Тогакуре рју Нинџутсу. Како и секогаш, кога станува збор за семинари организирани од страна на водачот на „Пат кон Сонцето“, катите беа разработувани до најситен детал. Некои од членовите на доџото, а особено тие кои за прв пат се сретнуваат со овие орудија, беа воодушевени од можноста и од нивната ефикасност.
На крајот на настанот, сите учесници толку многу се приврзаа за местото, што едноставно не им се напушташе. За среќа, за две недели ќе се одржи уште еден легендарен семинар – „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“, така што сите Воини на доџото ќе имаат нова можност за повторно дружење и усовршување на своите вештини.