Дваесетмината
членови на Буџинкан Македонија кои денес учествуваа на семинарот Шинкен гата
Тора но Маки, буквално гинеа во Долња Река додека се обидуваа да „зграбат“
колку што можат повеќе знаење од овој борбен систем.
За време на осумчасовниот тренинг, шидоши Довезенски ги подучуваше учесниците
на основните техники од оваа школа, како и на 12-те кати од првото ниво
наречено шодан. За сето тоа време, учениците напорно вежбаа и без нималку
штедење пробуваа колку што можат поправилно да го повторат покажаното од страна
на инструкторот.
Семинарот започна
со кратко предавање за Тора но Маки, по што се започна со вежбање на Кихон
Гата. Откако се совладаа положбите на телото (камае), се премина на проучување
на секцијата укеми, а потоа се продолжи со секцијата кихон сувари гата.
Со првата ката од шодан нивото, веќе се знаеше дека местото предвидено за вежбање ќе се претвори во бојно поле. Таа желба и енергија се задржа речиси до
17.00 часот, кога телата и умовите на учесниците почнаа да ја откажуваат
послушноста, а пред се поради заморот предизвикан од силниот ритам на тренинг.
На крајот, да
споменеме дека денот беше прекрасен, со сино небо и силно сонце кое ја
надополнуваше загубената енергија. Сето тоа допринесе за одличната атмосфера за
време на семинарот.