Известување

Posted on Categories Почетна

Драги
пријатели,
сакам да Ве информирам дека пред девет дена доживеав незгода при што ги
повредив рбетот и карлицата. После седумдневно лекување, можам да кажам дека се
чуствувам подобро и дека најлошото помина.
Повредата ја здобив при пад од карпа за време на слободното качување на ридот
Еленачки Карпи.
Слободното качување е нешто што во последните неколку месеци редовно го правам,
како дел од одржувањето на мојата физичка и ментална кондиција потребна за
напредокот во боречките вештини. Како што знаете, јас сум од оние кои веруваат
дека секој воин треба да има голема сила и кондиција доколку сака да биде успешен.

Прогнозата на докторите е дека повредата ќе ми остави трајни последици, а со
текот на годините може и да напредува до степен на инвалидитет. Само еден од
нив, ми даде мал зрак на надеж бидејќи ми рече дека со одредени вежби можно е
тој процес да се сопре односно да се забави.

Верувам дека многумина од Вас ќе се запрашат дали ми требаше вакво нешто. Во
моментов и јас сум малку разочаран, но не од друго, туку од мојата желба да се
качувам по карпи без никаква заштита.
Тоа што со сигурност го знам е дека ниту еднаш не сум зажалил што тоа го правев
поради мојата голема љубов-боречките вештини. Можеби звучи глупаво, но јас не
се каам поради тоа. Го правев тоа во што отсекогаш сум верувал и сум уживал.

Сакам да Ве информирам и дека воопшто немам намера да ја почитувам забраната на
лекарите за прекин на било какви физички активности. Им кажав и на нив дека
побрзо би останал инвалид (духовен) доколку прекинам со вежбањето отколку кога
би продолжил.

После испуштени три часа во текот на неделава, утре доаѓам во доџо на тренинг.
Иако ќе носам стегач со метални шипки околу половината и многу од движењата ќе
ми бидат ограничени, продолжувам со редовното подучување и вежбање како ништо
да не било.

Можеби повеќе нема да бидам „стариот“ сенсеи кој правеше салта наоколу, но Ви
давам збор дека ќе се потрудам воопшто да не го забележите мојот хендикеп.

На крајот, сакам да ги известам сите мои ментори и пријатели од Буџинкан, сите
пријатели од Џиненкан, сите соработници од другите корју организации, како и
мојот учител по Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу, дека
останувам посветен на боречките вештини.
Сите закажани семинари и средби ќе се одржат во предвидените датуми.

За тие кои планираат во иднина да се запишат во нашето доџо, ги охрабрувам да
го направат тоа. Слободното качување по карпи не е дел од нашата редовна обука,
туку тоа е чисто моја приватна иницијатива. Што се однесува до тренингот, тој
останува пеколно тежок како и до сега.

Останува уште да Ве замолам да не ми се јавувате и да не ми искажувате
сожалување на било кој начин. Јас не сум човек кој сака или бара сожалување.
Освен тоа, немам време да зборувам на телефон или да одговорам на Вашите
мејлови. Ве има многу и би требало цела вечер да ја потрошам на тоа. Затоа, Ве
молам уживајте во денот како ништо да не се случило.“

Искрено Ваш,
Игор Довезенски шидоши
Доџо Чо
Буџинкан Македонија
Даито рју Македонија (Корју Доџо)