Сите 11 учесници кои беа пријавени за овогодинешниот „Патот на Шугенџа“, успешно го завршија семинарот поминувајќи 50 километри за дванаесет ипол часа.
Настанот започна во 08.00 часот наутро, кога членовите на Буџинкан Македонија се упатија кон крајната цел – местото Камена Свадба во селото Куклица.
При тоа, како и секоја година, ги посетивме сите попатни свети места кои зрачеа со својата енергија наоколу и позитивно делуваа на нас.
Околу 15.00 часот, стигнавме до крајната цел, по што, после полчасовен одмор, се упативме назад кон почетната точка.
Во 20.30 часот, се вративме под Липац, од каде што и тргнавме.
Во текот на целиот ден, ги поминавме селата Бељаковце, Коњух, Шопско Рударе, Вак’в, Куклица и Димонце, при тоа завртувајќи голем круг околу предвидената рута.
Најголем впечаток ни остави селото Куклица, кое беше толку големо и со толку многу маала, што изобилуваше со навистина прекрасни пејсажи. Некои негови делови беа толку многу таинствени и сокриени од цивилизацијата, така што буквално видовме места каде што човечка нога не стапнала со години.
Учесниците покажаа навистина силен дух, иако на неколку пати намерно беа провоцирани и тестирани од водачот на Буџинкан Македонија, шидоши Игор Довезенски.
Уште еднаш, се покажа дека семинарот Патот на Шугенџа е еден од најтешките, но истовремено и најпривлечни семинари во организација на нашето доџо.