На местото викано Слепо
Коло, на ридот Орљак, се одржа семинарот на тема: „Силата на Јари-то“. На
настанот учествуваа 11 членови на Буџинкан Македонија, кои во текот на целиот ден
ги учеа начините на борба со копје, но и техниките на формациско борење со ова
оружје.
Како и секогаш,
инструкторот Довезенски навлегуваше во најситните детаљи во техниките, а учениците
упорно ги вежбаа и совладуваа. За нив особено беше интересен начинот на
формациско борење, каде што група вооружена со мечеви се обидуваше да ја помине
линијата поставена од копјаници. Со употреба на разни тактики (какехики),
сите напади успешно беа спречени, а напаѓачите совладани за кратко време.
Посебен впечаток остави начинот на формирање на таканаречените „круг на
одбрана“ и „опасната стоногалка“ кои учесниците на семинарот за кратко време ги
совладаа.
На крајот на семинарот
сите учесници имаа можност да ги вежбаат научените техники на мета (вреќи
набиени со слама), при што уште подобро ја разбраа идејата и силината на
јари-то (копје), но и важноста од кондициската подготвеност при вежбање со ова ефикасно
оружје.