Одржан третиот по ред „Шиноби Таисо“ семинар во доџо-то во Скопје

Posted on Categories Почетна

Шидоши Игор Довезенски го одржа третиот по ред „Шиноби Таисо“ семинар во скопското доџо на Буџинкан Македонија.
Покрај членовите на Организацијата „Пат кон Сонцето“, на настанот учествуваа и професори од Природно-математичкиот Факултет од Скопје, како и студенти по медицина од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Дваесетината учесници на семинарот имаа можност детално да ги научат техниките за справување со болката во долниот дел од грбот, меѓутоа не беа занемарени ниту останатите делови од телото, вклучувајќи ги рамената, лактите, како и зглобовите на рацете.

Веднаш по настанот, семпаи Тодор Ангеловски ги објави своите импресии од настанот на интерниот Форум на Буџинкан Македонија. 

„Ова беше трет семинар на тема ‘Шиноби Таисо’ што беше одржан во Скопје. Сум присуствувал на сите и прилично добро се сеќавам на техниките. Пред да се одржи првиот ваков настан, Сенсеи одржа предавање во бараките на ПМФ, некаде во декември 2011-та година. Тоа беше после неговата повреда, а тој зборуваше за закрепнувањето и причините за создавањето на системот. 
Првиот семинарот се одржа во јануари, 2012-та година, во спортската сала на училиштето ‘Браќа Миладиновци’ и беше запознавање со системот преку презентација на многу различни вежби. Вториот настан беше во ноември, 2015-та, а темата беше ‘Џунан Таисо’ односно техники за растегнување на телото. И тогаш Сенсеи ни презентираше многу нови вежби, а не подучуваше и за мускулната рамнотежа, како и за огромната важност на флексибилноста на телото.
Завчера, бројот на вежбите беше помал, меѓутоа беа предадени најопширно досега и на највисоко стручно ниво. Детално се разработуваа проблемите со ‘хиперлордоза’ и ‘хиполордоза’, како и начините на превенција и на лекување на истите. Но морам да истакнам дека иако темата е секогаш иста, сепак секој семинар нуди различни информации и техники. Секој од нас може да стекне барем некое минимално знаење со кое ќе може самиот да си помогне. Да не споменувам колку е корисно за членовите кои веќе одбрале да го специјализираат овој систем и кои ги посетуваат интензивните семинари за Шиноби Таисо во Хомбу Доџо-то. Многу ми е мило за нив што се заинтересираа и што се усовршуваат и на ова поле. Како што честопати ни кажува Сенсеи, тој што е редовен и присутен доволно долго во доџо-то, ќе научи многу и ќе стекне навистина големо знаење“.

Уште една учесничка на настанот, преку и-мејл ги испрати и сподели своите импресии.

Восхитена сум од умешноста
на Сенсеи Довезенски, кој за време на семинарот опфати толку многу полиња,
презентирани и теоретски и практично. Едноставно знаеш дека си на вистинско
место и во вистински раце.
 Симбиоза од практично и
духовно искуство, претставена во најдобро светло“ – 
 Андријана Пецова, студент на Медицински
факултет – Скопје