„Шурикен Џутсу“ во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Поделени во две групи од по осум луѓе, членовите на Буџинкан Македонија во саботата имаа можност да ја усовршат својата вештина во гаѓање со шурикени. Двете мети кои беа поставени во дворот на Хомбу Доџо-то беа целосно издупчени од моќните фрлања на нашите воини. 

Покрај ветераните од напредната група, овој пат учество земаа и многу членови од „почетничката“, како и четири дечиња од „Нинџа Клинци“.   

Семинарот започна во 10:00 часот, со основната техника на гаѓање „Гјаку Наге“, по што следуваа уште шест други техники кои учесниците имаа можност да ги вежбаат во текот на целиот ден.

За време на настанот, се користеа сенбан и ига (шакен) шурикени, како и џуџи шурикен од школата Јагју Шинкаге рју. 

Поради повредата на десната рака односно скинатите лигаменти на рамото, инструкторот Игор Довезенски подучуваше односно ги исфрлуваше сечилата со левата рака, а потоа постарите членови на доџо-то ја демонстрираа покажаната техника со полна силина. 

Секако, огромниот интерес ни дава за право овој семинар и понатаму да продолжи да се одржува барем еднаш во текот на годината.