Одржан Чигирики семинар во Хомбу Доџо-то на Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина, во Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“ беше одржан семинар за Чигирики. За тие што не знаат, ова егзотично јапонско оружје се состои од стап или метална прачка на која што има закачено ланец со тег.

Инаку, последниот семинар за Чигирики, инструкторот Довезенски  го одржа во далечната 2006-та година, така што ова беше вистинско освежување за членовите на Буџинкан Македонија. За време на настанот се вежбаа положбите на телото, како и девет техники кои се користеле за борба против напаѓач вооружен со меч. 
По завршувањето на семинарот, кохаи Владимир Антовски напиша текст на Форум-от на Буџинкан Македонија, каде што ги споделува своите импресии од викендот:
„Во петокот, дури во 16:00 часот конечно се организиравме и побаравме од Сенсеи да го одржи семинаров. Знам дека тој вложи многу и дека му оставивме многу малку време за да се подготви. 

Секој семинар во Хомбу Доџо си е приказна за себе, а тие што биле знаат точно зашто. Чигирики е едно специфично и доста егзотично оружје. Вежбањето со него е истовремено забавно, но и опасно. Тоа е оружје наменето за борба со противник вооружен со меч. Сенсеи, како и секогаш одлично запознаен со оружјата, најпрвин пристапи кон објаснувањето за историјата на Чигирики, за тоа како се користело и зошто било толку ефикасно против меч. Објасни и во кои школи се изучува и од каде потекнува. Тренинзите беа како игра. Си играш со противникот на неколку нивоа. Си играш на психолошко ниво, со дистанцата помеѓу противникот и тебе, како и со неговиот живот.
Сакам да ги споменам и браќата Неделковски кои овој месец покажаа огромен интерес за ова што ние го работиме. Иако и двајцата се почетници, тие се многу активни кога станува збор за семинарите во Хомбу. Мислам дека сите од нивната група треба да земат пример и да се активираат повеќе. Тоа што се вежба во доџото во Скопје е само гребење на површината на класичните боречки вештини. Не знам дали нашите членови се свесни што пропуштаат кога не учествуваат на семинарите во Хомбу. Тоа е едно огромно богатство од знаење кое Сенсеи го поседува и без резерва го пренесува на сите кои доаѓаат таму. Жално е тоа да не се искористи. Тоа е нешто што останува за цел живот, додека излегувањата во град или одењето на скара-излети нема да ви го збогатат духот. Освен тоа, на семинарите во Хомбу се зближувате со тие што вежбаат со вас, станувате подобри другари и уживате во прекрасната природа и околина која е неверојатна во било кој период од годината. Размислете убаво што во суштина сакате да вежбате и што сакате да научите“.