Заврши шестиот по ред Летен Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

Најголемиот годишен традиционален настан, познат под името „Летен Нинџа Камп“, на кој членовите на Буџинкан Македонија цели девет дена постојано вежбаат и изучуваат традиционални јапонски боречки вештини – заврши. 

Еден ден по заминувањето на учениците и спласнувањето на емоциите, слободно можеме да кажеме дека овој камп беше еден од најинтензивните и најуспешните досега. 
Учесниците на кампот, имаа можност да уживаат во вежбањето на џуџутсу техники за ослободување од разни зафати на телото, како и во усовршувањето на борбата со катана и вакизаши. 
Што се однесува до тренингот за зајакнување на телото, оваа година вежбите беа навистина напорни, со што кондицијата кај учениците уште повеќе се зголеми. 
Слободното време, кое што едвај го имаше, беше искористено за капење или тренинзи во блиската река, како и за посета на разни културно-историски споменици кои ги има во околината на Хомбу Доџо-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“. 
Ноќните часови беа предвидени за ноќните нинџа акции, нешто по што исто така нашето доџо е надалеку познато. 
Како и секогаш, храната беше органска и здрава, прилагодена да обезбеди доволно калории и хранливи материи потребни за напорните тренинзи, а за тоа секогаш беа користени локални и свежи продукти набрани директно од градината околу нашето доџо.
Последната вечер, иако секогаш е резервирана за забава околу огнот, како и секоја година беше помалку и тажна поради разделбата на членовите која што ќе трае до почетокот на септември, за кога е закажан првиот час во доџо-то во Скопје.