Еден ден по семинарот за Нагината, во неделата, во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија се одржа и семинар посветен на изучувањето на Кенџутсу – традиционална јапонска вештина на борба со меч.

Под водство на учителот Игор Довезенски, учесниците имаа можност да ги вежбаат техниките на брзо извлекување на мечот, како и да работат на основните принципи на движење и борба. Како и секогаш, неговото долгогодишно искуство и начинот на кој ги пренесува знаењата овозможија сите учесници да бидат исполнети со нови сознанија и практични детали што ја збогатуваат личната обука на секој ученик.

Покрај интензивниот тренинг, не изостана ниту дружењето кое е препознатлив дел од ваквите семинари. Во паузите, под сенките на столетните ореви во дворот на Хомбу Доџото, учесниците заеднички уживаа во кафе, какао и разговори, разменувајќи искуства и впечатоци од тренингот во пријатна и опуштена атмосфера.

Уште еден успешен семинар кој потврди дека вистинското Будо не се гради само преку техниката, туку и преку заедништвото, почитта и искреното другарство кое се создава на секое заедничко вежбање.


