НагинатаЏутсу во дворот на Хомбу

Posted on Categories Home

Во саботата, во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија се одржа редовниот семинар посветен на изучувањето на вештината со Нагината – традиционално јапонско оружје кое со векови било составен дел од самурајската боречка традиција.

За време на семинарот беа обработени положбите на телото, основните принципи на движење, правилното користење на дистанцата, како и неколку кати и нивната практична примена. Преку повеќечасовниот тренинг, учениците имаа можност дополнително да го продлабочат своето разбирање на техниките и специфичностите на ова оружје.

Во паузите и слободното време учесниците уживаа во убавините на јапонската зен градина што се наоѓа во дворот на Хомбу Доџото. Пријатната атмосфера беше дополнета со дружење и друштвени игри на дрвената платформа, сместена во сенките на дрвјата, каде што продолжија разговорите и размената на впечатоци од тренингот.

Семинарот уште еднаш потврди дека покрај стекнувањето нови знаења и вештини, ваквите собири претставуваат можност за зацврстување на пријателствата и негување на вредностите што ги носи традиционалното јапонско Будо.