Уште и пред официјално да се основа првото македонско нинџутсу доџо – Буџинкан Македонија, инструкторот Игор Довезенски посебно внимание обрнувал и на изучување на специјализираните шиноби техники, меѓу кои и на Суи Рен. Таа пракса да се предаваат сите необични вештини познати под името Нинџа Џухакеи, шидоши Довезенски ја продолжува и ден-денес, па така одвреме-навреме неговите ученици имаат можност да научат и да навлезат малку подлабоко во сржта на овој необичен метод на борба познат под името нинџутсу. За време на неделниот семинар, учесниците имаа можност да научат техники за тивко влегување во вода, како и начини на бешумно пливање низводно и узводно. Потоа се вежбаа и техники на поминување големи растојанија со стебло, камуфлирање и трчање во река, како и бешумно движење и следење на противникот кој се движи по самиот речен брег. Обуката во вода, освен на семинарите во природа, понекогаш се предава и на некои од летните кампови организирани во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“. Според планот за работа, следната година предвидено е научените техники да се испробаат преку разни борбени сценарија, при што учесниците ќе бидат поделени во две групи.