Семинар за Лак и Стрела во природа

Posted on Categories Почетна

Во преубавата шума сместена во месноста Млака, во саботата се одржа традиционалниот ЈумиЈа семинар за гаѓање со Лак и Стрела.

Иако настанот е пред се организиран за учење на техники на користење јапонски Ханкју лак, учителот Игор Довезенски предава и бара од своите ученици да знаат да ги користат сите начини на гаѓање со разни видови азиски лакови кои во минатото се користеле од страна на различни народи.

За време на семинарот, Довезенски подучуваше техники на гаѓање со отомански, унгарски, како и јапонски самурајски и нинџа лак.

Вечерта после семинарот беше резервирана за предавање за историјата и традицијата на Јапонија, поткрепено со фотогафии кои учителот ги направил за време на своите патешествија низ Земјата на Изгрејсонцето.

Одржан традиционалниот СоЏутсу семинар „Силата на Јари“

Posted on Categories Почетна

Јубулејниот петнаесетти по ред СоЏутсу семинар „Силата на Јари“ се одржа во неделата во дворот на стожерното Доџо на Буџинкан Македонија.

На овој традиционален настан, кој секогаш привлекува голем број учесници, учествуваа членови од речиси сите возрасти, а огромната крошна на големиот орев во Хомбу беше претесна за да ги прими под својата сенка сите заинтересирани.

На семинарот се вежбаа сите техники, принципи и кати од школата Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу, а како и секогаш дружбата и енергијата беа на највисоко можно ниво.

ШурикенЏутсу во дворот на Хомбу

Posted on Categories Почетна

Во дворот на Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија, во саботата, се одржа семинар за гаѓање со Хира Шурикени.

На семинарот учество земаа 16 членови на Буџинкан Македонија кои речиси шест саати гаѓаа со метални сечива во две мети, со цел да ја усовршат оваа древна нинџа вештина.

Постарите ученици на Доџото, имаа можност да испробат и техники на гаѓање со други типови Шурикени односно со орудија кои припаѓаат на школи кои не се вежбаат во Буџинкан.

Усовршување во Јапонија - 2024-та

Posted on Categories Почетна

Уште едно двонеделно усовршување на учителот Игор Довезенски во Јапонија беше реализирано во текот на месецот март.

Овој пат, покрај редовните тренинзи со учителите во Хомбу Доџото во градот Нода, патувањето беше искористено и за проучување на други вештини од богатата култура и традиција на Земјата на Изгрејсонцето.

Така, покрај самурајските и нинџа вештините, учителот Довезенски посвети внимание и на проучување на тајните на градење на јапонските зен градини, како и на церемонијата на чај позната под името Чадо.

Освен тоа, тој ја посети и провинцијата Шига односно градот Кога (Кока), познат како една од лулките на Нинџутсу (покрај Ига). Таму Довезенски оствари средба со членови односно потомци на семејството Фуџибајаши  чии предци биле познати Шиноби воини, по што ја посети и нивната семејна куќа целата поврзана со тајни повижни ѕидови, тунели и премини кои се користеле за бегство од непријателот.

Ова боречко патешествие ќе остане запаметено и по духовниот развој на водачот на Буџинкан Македонија за време на посетите на храмовите и градините Сенсо-Џи во Асакуса во Токио, потоа Кодаи-Џи и Кијомизу Дера во Кјото, како и на Нарита-сан во градот Нарита (и многу други помали Шинто и Будистички храмови низ Јапонија).

Одржан седмиот „Детски Нинџа Самит“

Posted on Categories Почетна

Под водство на Таки Гаковски кој воедно е учител во детската група „Нинџа Клинци“, во саботата се одржа седмиот „Детски Нинџа Самит“.

Покрај редовните вежби за развивање на флексиболноста и агилноста кај најмладите, дечињата изучуваа и техники за самоодбрана.

Како и секогаш, атмосферата за време на семинарот беше неверојатно разиграна и весела.

Кусари Фундо семинар во Скопје

Posted on Categories Почетна

Во скопското доџо на Буџинкан Македонија вчера се одржа семинар на тема Кусари Фундо (Ланец со Тегови).

Динамичната и борбена атмосфера која долго време ќе се памети беше привилегија за десетината учесници кои одвоија неколку саати од неделниот одмор со цел да го посветат своето време на личното усовршување преку древната Тогакуре рју Нинџа вештина.

Околу техниките што учителот Игор Довезенски ги предаваше, може да се зборува со саати, меѓутоа за да се опише едно такво доживување потребно е да се земе учество, бидејќи се друго ќе бидат само празни зборови, со оглед на тоа што тренингот во доџо е невозможно е да се опише и мора лично да се доживее.

Одржан шестиот Детски Нинџа Самит

Posted on Categories Почетна

Под водство на шидоши хо Таки Гаковски, во саботата се одржа шестиот Детски Нинџа Самит.

Како и на секој друг детски семинар, доџото грмеше од насмевки и среќни моменти, бидејќи децата едноставно го обожуваат овој настан.

На крајот од семинарот, неколку од дечињата го прашаа инструкторот Гаковски околу тајминот на следниот самит, што е само уште еден доказ за популарноста на самитот.

Одржан „Начини на Зимско Преживување XIV“

Posted on Categories Почетна

Огромниот интерес и големата посетеност на зимскиот нинџа тренинг, посветен на техниките на преживување во природа во сурови услови, гарантираат дека овој настан уште долго време ќе биде дел од редовната годишна програма на семинари организирани од страна на Буџинкан Македонија.
Масовноста на настанот е причина учителот Игор Довезенски со задоволство да го пренесува своето знаење на учениците кои со нетрпение секоја година го очекуваат вториот викенд на јануари – терминот кога се одржува овој семинар.

Оваа година, семинарот повторно се врати во шумата Млака во долината на мистичната планина Липац. Иако конфигурацијата и богатсвото на теренот односно локацијата овозможуваат поголеми изгледи за успешно преживување во зима, сепак температурата на воздухот, која постојано беше во минус, ги предупредуваше учесниците дека за време на најладните месеци никогаш не смее да се дозволи потценување на природата.

На овој семинар, учителот Игор Довезенски одлучи да се изградат две различни засолништа. Истовремено на друга локација, беше тестирано знаењето на шидоши хо Владимир Антовски околу техниките на зимско преживување. Откако Довезенски внимателно го разгледа засолништето изградено од страна на својот ученик, донесе заклучок дека кандидатот успешно ги совладал основите на преживување во зима, за што ќе добие и посебен сетификат.

Извештај за 2023 година

Posted on Categories Почетна

Крајот на 2023та ќе го паметиме по одржани 44 семинари, што е само за еден помалку од рекордната 2018та, кога прокниживме вкупно 45 семинари. Со ваквиот резултат, повеќе од сигурно е дека се уште го држиме епитетот на „најдинамично нинџутсу доџо“ во светот.

Да почнеме со меѓународните семинари. Оваа година водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски, предаваше на четири интернационални настани. Првиот се одржа во Македонија, каде што заедно со својот пријател од Турција (Ерџан Шарбат), предаваше на добропознатиот БуЈуКаи. По ова следуваше предавањето на БуЈуКаи Србија, што се одржа во Нови Бечеј, а потоа следеше гостувањето во Истанбул каде што учителот Довезенски го споделуваше своето знаење со членовите на Буџинкан Турција. Меѓународните настани завршија со предавањето на Даито рју Аикиџуџутсу во Доџото Сатори во Нови Сад (Србија). Вреди да се напомене дека на БуЈуКаи семинарите бројката на учесници секогаш се исполнува до максимум, па така на пример на БуЈуКаи V, иако беа предвидени 40 слободни места, моравме да ја „пробиеме“ крајната бројка и да дозволиме уште двајца да учествуваат, поради силните молби од страна на блиски и важни пријатели на Доџото.

Годината 2023та, ќе остане запаметена и по тоа што за време на редовното усовршување во Јапонија, учителот Игор Довезенски со себе го зема и својот син Петар, со што тој доби можност да вежба и да го почуствува духот на јапонските нинџутсу учители. Двонеделниот престој и успесите постигнати во Хомбу Доџото во Нода (Јапонија) е невозможно да се опишат во ваков краток извештај, па затоа ќе ги оставиме да бидат прераскажувани на некој од нашите семинари во природа.

За време на летото, ги одржавме и нашите легендарни Летни Нинџа Кампови, како за децата, така и за возрасните. Тука треба да се спомене дека на петнаесетото издание на кампот за возрасни, се постигна нов рекорд од 25 души, па така за 2024-та година бројката на дозволени учесници ја зголемуваме на 33ца.

Од другите настани во изминатава година, ќе ги одбележиме: јануарската промоција на новата Такаматсу манга на Довезенски и на Гаковски со наслов „Мисијата во Шијлинхот“, „Работилницата за Самоодбрана за Жени“ што се одржа во февруари (сечко), рекордните 23ца учесници на традиционалниот семинар „Силата на Јари“, тројца нови носители на бронези медали Генин (Косара Довезенска, Ксенија Довезенска и Кристијан Митевски), еден организиран тим билдинг (ТГГ – МК) и едно ново име на Нафуда Каке во Хомбу-то (Марко Петрушевски).

За целосно да го сумираме резултатот на семинари во 2023та година, ќе дадеме краток преглед по бројки: 7 одржани нинџутсу семинари во скопското Доџо, 21 во Хомбу Доџото на Буџинкан Македонија, 4 меѓународни, два летни кампови, двонеделна посета во Јапонија, девет Даито рју Аикиџуџутсу семинари во Хомбу, во скопското Доџо или во странство.

На крајот, сакаме да се заблагодариме на сите членови на Буџинкан Македонија, Даито рју Македонија и на Организацијата „Пат кон Сонцето“ кои со својата макотрпна работа овозможија и оваа година да уживаме во прекрасното патување низ светот на традиционалните јапонски боречки традиции. Не можеме да ветиме дека следната година ќе постигнеме уште подобри резултати од оваа, но можеме да гарантираме дека се додека дишеме воздух на земјава, нема да ја намалиме љубовта кон борбените класични вештини наследени од генерациите пред нас.

Темата за првото полугодие на 2024 година ќе биде Такаги Јошин рју Џутаиџутсу.

Едно Доџо – едно семејство. Буџинкан Македонија – лојалност, посветеност, чест.

Моја приказна – мој живот.

Нинпо Иккан!!!

Шикен во Буџинкан Македонија

Posted on Categories Почетна

Во преубава празнична и семејна атмосфера, во петокот во скопското Доџо на Буџинкан Македонија се одржа декемвриското полагање (Шикен) за повисоки звања.

Сите кандидати кои беа тестирани, покажаа одлично познавање и солидна техника кои беа резултат на редовниот и посветен тренинг во последните шест месеци.

Од почетничката група со која раководи шидоши хо Марко Марчедониан Опачиќ, за 10 Кју положија: Никица Китановски, Јована Сисиркоска и Александра Ефтимова, додека со 9 Кју и портокалов појас се стекнаа: Ана Божиновска, Ана Томев, Ева Марковска, Софија Марковска и Леона Деспотовска.

Со звање Кохаи се стекна Петар Довезенски кој успешно положи за 7 Кју, додека името на Марко Петрушевски ќе се најде на Нафуда Каке (Таблата на честа) во Хомбу Доџото. Имено, тој положи за 5 Кју и со тоа се стекна со честа неговото име да се најде меѓу имињата на претходните генерации кои вежбале Нинџутсу во Буџинкан Македонија.
За најдобар вежбач за 2023 година беше прогласена Ана Божиновска, која доби Пофалница од страна на водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски.

По полагањето, во самото Доџо се одржа пригодна прослава (БоненКаи) со која се означи крајот на уште една успешна година.