Со вчерашниот семинар на тема Ханбо Гошинџутсу (самоодбрана со употреба на краток стап), речиси ги завршивме сите обврски во Буџинкан Македонија од програмата за оваа година.
Остануваат уште два редовни тренинзи, како и полагањето кое ќе се одржи во среда (30 декември).
За моментите на семинарот и овој пат ќе ги споделиме импресиите на кохаи Сања Симонова што таа ги искажа на нашиот Форум:
„На моја голема радост, ’книгата’ на семинари за оваа година ја завршивме со ханбо. Љубовта кон ова оружје ми е од деновите кога вежбавме на паркет со дрвено и се сеќавам колку многу беше болно и каков звук создаваше кога ќе паднеше на подот. Неговата убавина според мене е во тоа што е ’скриено’ во многу предмети кои ние ги именуваме со други имиња: чадор, бастум, планинарски стап, сукало…
Како што кажа Сенсеи, ханбо-то е сосема легално, можеме да го носиме со нас секаде и во секое време. Да се владеат техники со вакво оружје е голема предност. Прво затоа што е доволно големо за да направи голема штета на агресивниот напаѓач, која не мора да биде видлива за око, а истовремено е доволно мало за да може да се ’спакува’ за носење со нас. Ханбо-то е мало, а големо нешто.
Како што кажа Сенсеи, ханбо-то е сосема легално, можеме да го носиме со нас секаде и во секое време. Да се владеат техники со вакво оружје е голема предност. Прво затоа што е доволно големо за да направи голема штета на агресивниот напаѓач, која не мора да биде видлива за око, а истовремено е доволно мало за да може да се ’спакува’ за носење со нас. Ханбо-то е мало, а големо нешто.
На семинарот бевме осуммина и поминавме осум кати – која од која поубава. Иако првично мислев дека ќе започнеме со основните ставови и форми со кои веќе сум се сретнала, Сенсеи не изненади со тоа што ни кажа дека ќе вежбаме конкретни сценарија за одбрана од различни последователни удари, фатови за дел од облеката, или, пак, обиди оружјето да ни биде одземено. Катите беа ’со карактер’, што би рекол семпаи Марко. Можеше да се почувстува експлозивниот потенцијал на оружјето, а болката при контактот се чувствуваше постојано. Тоа беше најверниот доказ за неговата ефикасност.
Атмосферата за време за целиот семинар беше одлична и секој се потруди да го даде најдоброто од себе. Интензитетот на тренингот допринесе постојано да се менува бојата на лицето кај почетниците, а кај постарите ја зголемуваше сигурноста, брзината и владеењето на ова оружје. Многу е убаво чувството кога за нешто што го сметаш за познато, ќе откриеш некое ново движење кое прави голема разлика и ќе се почувствуваш воодушевено што повторувањето на одредена ката ти открива уште еден нејзин бисер, а ти создава уште поголема глад за понатаму!“