Нескромно можеме да кажеме дека годината што измина беше една од најуспешните во историјата на Буџинкан Македонија, како и на Организацијата за изучување на јапонски класични боречки вештини „Пат кон Сонцето“. Карактеристично беше „испливувањето на површина“ на некои помлади ученици, кои со својата пожртвуваност и посветеност, полека но сигурно си го заземаат своето место во нашето доџо.
Да почнеме со меѓународните семинари. Во април организиравме неколкудневен семинар за Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, под водство на нашиот ментор за оваа најстара борбена јапонска школа, шидоша Ерик Лоув. Со него, од Холандија допатуваа и шесторица негови постари ученици. Покрај нив, учество на настанот земаа и гости од Грција и Албанија, кои за прв пат имаа можност да се сретнат со оваа прекрасна вештина.
Што се однесува до домашните семинари, оваа година ги имаше во изобилство. Така, од интензивните, во нашето Хомбу Доџо одржавме вкупно шест, додека од семинарите во природа, беа организирани и успешно реализирани вкупно седум. Во скопското доџо на Буџинкан Македонија, исто така беа организирани шест, со што се заокружува бројката од вкупно 19 семинари, на кои учителот Игор Довезенски несебично го предаваше своето знаење на членовите на нашата Организација.
Како поспецифични настани за 2014-та година ќе ги издвоиме: традиционалниот семинар „Кенџутсу под ѕвездите на Липац“, каде што членовите на доџо-то повторно два дена ја вежбаа мечувалската школа „Оно ха Итто рју – Такеда ден“ под врвот на митската планина Липац и преспаа во конаците на преубавиот Бељаковски Манстир. Потоа, незаобиколно мора да се спомене новиот настан познат под името „Живот во Дивината“, кој оваа година за прв пат беше организиран и кој остави неверојатен впечаток кај учесниците. Секако тука е и „Работилницата за Самоодбрана за Жени“, која што традиционално се одржува секоја година во октомври и која што е наменета пред се за припадничките на понежниот пол. И на крајот, би го споменале најголемиот од сите настани, а тоа е деветодневниот „Летен Нинџа Камп“.
Во нашето доџо за Даито рју Аикибудо, во 2014-та година беа организирани три интензивни семинари за Аикиџуџутсу. Еден од нив беше одржан во Хомбу Доџо-то на „Пат кон Сонцето“, додека другите два во доџо-то во Скопје. Вреди да се спомене дека последниот интензивен семинар беше во траење од цели шест дена. Веќе за пролет, следната година, договорена е посета на нашиот учител Антонино Черта.
Оваа година ќе ја паметиме и по тоа што Буџинкан Македонија доби уште еден шидоши хо (помлад инструктор) односно нашиот долгогодишен член Зоран Тодоровски успешно положи за мајсторски степен шодан (прв дан), а шидоши Игор Довезенски ја напиша и ја објави првата книга во Македонија посветена на класичните јапонски боречки вештини, а со наслов „Разговор со учениците“.
Истата можете да ја набавите во kupikniga.mk
Доколку треба да го издвоиме најважниот настан во изминатава одина, тоа дефинитивно е патувањето на учителот Игор Довезенски во Јапонија. За да не се повторуваме повторно, повеќе информации за тоа можете да прочитате —-> тука
Во однос на присутноста во медиумите и оваа година се појавивме во неколку медиуми „со душа“, како што Игор Довезенски ги нарекува „малите“ списанија и портали. Ќе ги издвоиме интервјуата дадени за „Теа Модерна“, потоа за рубриката „БукБокс“ на офф.нет.мк, како и интервјуто дадено за бизнис порталот bi.mk
Наспроти тоа, повторно беше одбиена соработката со сите големи и гломазни медиумски машинерии кои безобразно, вулгарно и нападно и сервираат на македонската јавност патетични играни серии и шунд-забавни емисии наменски продуцирани во некои соседни земји, а на штета на македонската култура и традиција.
На крајот, сакаме да им честитаме на сите наши членови кои на завчерашното полагање покажаа одлично знаење и се здобија со повисоки звања. Особено сме горди на нашите членови кои се стекнаа со Пофалници за нивниот труд. Во текот на целата година, Тодор А. и Кристијан М. не пропуштија ниту еден редовен час одржан во нашето доџо, додека Таки Г. имаше само еден изостанок.
Темата за 2015-та година во Буџинкан Македонија ќе биде „Џиссен Гата“.
На сите наши членови им посакуваме уште поголем успех во годината што следи.
Нинпо Иккан!