По успешното полагање за шодан (прв дан) што се одржа во неделата во Хомбу-то на „Пат кон Сонцето“, после една деценија вежбање во нашето Доџо, семпаи Таки Гаковски заслужено се закити со долгоочекуваниот „црн појас“. Со тоа, Буџинкан Македонија доби уште еден Јуданша (носител на мајсторско звање) и уште еден Шидоши Хо (помлад инструктор).
Како што погоре споменавме, тестирањето (Шикен) се одржа во Хомбу-то на Организацијата „Пат кон Сонцето“, при што овој редок чин беше прославен во прекрасна атмосфера.
По завршувањето на настанот, учителот Довезенски одржа краток говор, кој предизвика солзи радосници кај присутните. Ова и не е воопшто чудно, доколку се земе во предвид колку многу напор е потребно за да се достигне црниот појас во Буџинкан Македонија. Најмалку десет години редовен тренинг, но истовремено пролевање многу крв, пот и солзи на татамите.
Шидоши Хо Таки Гаковски е еден од најактивните членови во Буџинкан Македонија, одговорен за работата на детската група (Нинџа Клинци). Тој присуствувал на речиси сите семинари организирани од нашето Доџо и никогаш не пропушта ниту еден тренинг на редовните часови.
Му честитаме од срце и му посакуваме уште похрабро да чекори по Патот.