Семинарот посветен на вештината на борба со копје (соџутсу) покажа и докажа дека редовниот тренинг и посветеноста носат големи резултати. Евидентен беше напредокот кај членовите кои секоја година го посетуваат овој семинар, а нивната техника на ракување со копје станува се подобра.
Настанот се одржа на ридот Орљак на местото викано Слепо Коло, а на него присуствуваа неколкумина членови на Буџинкан Македонија.
Семинарот почна со повторување на основните техники на напад со јари (копје) кои најпрвин беа вежбани со замислен противник, а потоа и со партнер. Инструкторот Игор Довезенски постојано се трудеше на своите ученици да им ги објасни предностите, но и недостатоците на копјето. Се навлегуваше во ситни детаљи и во однос на техниката, но и на користењето на принципите кога станува збор за оружје со должина на копјето.
На крајот, секој од учениците имаше можност да покаже дел од наученото на дело односно преку демонстрација на техниката да ја покаже насоката во која треба понатаму да се движи, а се со цел подобро совладување на вештината.
Да споменеме и дека за време на траењето на семинарот, во текот на целиот ден, ветерот немилосрдно не шибаше, но тоа воопшто не не поколеба да го смениме мислењето дека воинот треба да биде подготвен за одбрана, без разлика на временските услови.