Семинарот со наслов „Силата на Јари – тактика и стратегија“, што вчера се одржа на падините на ридот Орљак, отвори нови видици за учениците што учествуваа на настанот.
Имено, ако минатата година уживаа откривајќи ја силата и моќтта на копјето, овој пат стопроцентно се уверија во неговата ефикасност и надмоќ во однос на противникот вооружен со друго оружје.
Семинарот започна со предавање и тренинг на основните техники на удирање и блокирање со катана (сабја) и со јари (копје). Потоа се продолжи со увежбување на различни борбени сценарија (кати) и тоа: копје против меч и копје против копје.
На крајот, се вежбаа техники на формациска борба, а како и минатата година, така и оваа, учениците на Буџинкан Македонија уживаа во разновидноста на тактитата и на стратегијата на овој начин на војување.
Што се однесува до временските услови, во текот на денот постојано се менуваше од сончево на облачно и обратно, но температурата на воздухот на моменти беше исклучително ниска, додека ветерот што дуваше од север неуспешно се трудеше да ја намали вољата кај учесниците. По завршувањето на семинарот, некои од нив побараа овој семинар следната година да биде дводневен.