Водачот на Организацијата „Пат кон Сонцето“, инструкторот Игор Довезенски, викендов што измина одржа семинар за класични јапонски боречки вештини во швајцарскиот град Бил.
На покана на својот сонародник Борис Лескаровски, инаку врвен карате мајстор кој долги години живее и работи во Швајцарија, Довезенски предаваше традиционални техники на Буџутсу, Аикиџуџутсу и Нинџутсу.
На настанот присуствуваа петнаесетина учесници од Швајцарија и Македонија, кои во текот на двата дена уживаа во катите кои учителот од Македонија несебично ги споделуваше.
Инаку, иако во Швајцарија егзистираат многу клубови за боречки спортови и вештини, сепак Кобудо-то е речиси непознато за повеќето жители на оваа европска земја.
Една од целите на мајсторот Лескаровски е токму неговиот карате клуб „Кашивакан“ да биде собиралиште каде што заинтересираните ќе можат два пати годишно да вежбаат со инструкторот Довезенски и да се запознаат со корените на јапонските боречки вештини. За таа цел, веќе за напролет е закажан следниот „Кобудо Гашуку“ семинар, кој сигурно ќе биде уште по посетен, со оглед на тоа што првиот повеќе имаше за цел да ги запознае членовите на Кашивакан Доџо-то со Корју вештините кои се претходница на модерното Будо.