После две години пауза, повторно го одржавме традиционалниот семинар Суи Рен. Иако сонцето силно печеше, сепак водата во Крива Река споро се затоплуваше, од причина што ова се првите екстремно високи температури за ова лето. Коњските муви кои постојано „се гоштеваа“ со нашите тела, ниту малку не ја расипаа одличната атмосфера која што владееше за време на семинарот за обука во вода.
Семинарот започна со предавање за Суи Рен, а потоа се започна со практични вежби. Според планот на инструкторот Довезенски, требаше да се „поминат“ вкупно 7 техники во текот на денот, а по седумчасовно „водено крштевање“, планот беше успешно исполнет.
Најголема тешкотија за почетниците претставуваше дишењето под вода со цевка (фукија), додека најинтересни им беа техниките на камуфлирање. Не беше лесно ниту вежбањето во ладната река со „ги“ (памучна облека за тренинг), особено после неколкуте часа поминати во вода.
На крајот, учениците на Буџинкан Македонија, иако помодрени од студ, успешно го завршија семинарот, а најмногу поради стекнатата дисциплина и воља што како елементи за успех шидоши Довезенски ги вгнездил во нивните срца.