Одржан „Живот во Дивината VI“

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина се одржа предпоследниот семинар од серијата „Живот во Дивината“. Овој настан, заедно со „10.000 П.Н.Е.“ и „Начини на Зимско Преживување“ се единствените во моментов кои се специјализирани и посветени на сите членови на Буџинкан Македонија кои сакаат подлабоко да навлезат во тајните на Нинџутсу односно кажано попрецизно – на техниките на преживување во природа.


По шесте претходни „Живот во Дивината“ семинари, каде што учесниците ги совладуваа техниките за преживување на планини пониски или повисоки од 1000 метри, како и на организирано живеење покрај река, во шума и во пустински услови, шестото издание не донесе во дивиот предел на Преспанското Езеро поточно на самиот брег на селото Коњско.

Ги објавуваме импресиите на двајца од учесниците на овогодишниот настан.

„Преубав беше секој момент од семинарот. Од пристигнувањето на местото, па се до заминувањето. Само што стигнавме на брегот на езерото, веднаш се зафативме со подготовка на засолништето и на храната. Секој со своја задача, а сите за иста цел. Некои собираа суви гранки за оган, други го месеа тестото без квасец, трети ловеа жаби и риби. Добивме премногу лекции за тоа како можеме да ја искористиме природата за да организираме живот покрај езерото. Заедно со нас, постојано работеа и дечињата на Сенсеи: Косара, Ксенија и Петарче. Чуваа и стража и ниту еднаш не се пожалија. Иако се се уште деца, сепак и во нив гледам мали Воини.
Овој пат бидејќи бевме помала група, стража чуваше и Сенсеи. За мене беше голема чест Сенсеи да ме чува додека спијам. Кога легнав во вреќата, не можев да престанам да гледам кон ѕвездите. Тоа за мене беше поглед како од хотел од милион долари. Мислев дека на дофат ми беа сите тие небесни тела. Целиот универзум како да беше пред мене. Се беше магично“ – семпаи Михаил Дракалски.

„Многу пати сум пишувал за семинарите во кои се изучуваат техниките за преживување во природа и сум бил на многу од нив, но за време на последниов почуствував како да добив еден вид на лично просветлување. Не дека за мене имаше многу нови работи, туку едноставно овој пат како целосно да ги разбрав и со умот и со срцето. Сенсеи неколку пати го повтори правилото на ‘Петте Прсти’ кое го има кажувано и порано. Тие пет правила ни се потребни за да преживееме во било какви услови во природата. Но што правиме кога ќе се вратиме назад во цивилизацијата? Тука, сите овие пет основни работи за преживување се ‘загадени’. Сите овие пет основни работи кои се потребни за живот – ние бесповратно ги уништуваме“ – семпаи Владимир Антовски

На крајот, уште сега би сакале да го најавиме последниот „Живот во Дивината“ што ќе се одржи во 2020 година во полустепите на Овче Поле.