Од дванаесет пријавени учесници на Патот на шугенџа, вчера сите успешно го завршија семинарот. Тоа зборува дека физичката и менталната подготвеност на нашите ученици расте од година на година се повеќе. Резултатите од редовните тренинзи, кои се доста напорни, си го прават своето.
Целта беше да го изодиме патот по течението на реката Живуша, од местото на влевање во Крива Река, па се до изворот кој се наоѓа на Мокро Езеро на планината Козјак.
Предвидените четириесет, набргу прераснаа во педесет километри, со оглед на тоа што се искачувавме од западната страна на планината на место каде што не постоеја никакви патчиња, но и поради одбраната рута при враќањето, која го продолжи патот бидејќи не пресековме директно преку ридовите во правец на Липац. Таквото кружење не чинеше уште некој час повеќе.
По кратките подготовки, во 8.40 часот, групата предводена од инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, го започна духовното патување.
Следејќи го текот на Живуша, поминавме низ Стрезовце за потоа да се упатиме низ селото Облавце. Од тука, влеговме во селото Сув Орах, преку кое и стигнавме до крајната цел.
По патот, кај еден од учениците почнаа да се јавуваат здравствени проблеми, но со правилно дишење и цврста воља, незапирливо напредувавме кон езерото.
Кога стигнавме на предвидената цел, инструкторот Довезенски одржа кратко предавање (Сеишин Теки Кјојо), а потоа групата се спушти кон Карпинскиот Манастир. Учениците беа вчудоневидени од убавината на ова македонско светилиште, но и од пејсажите во околината за кои слободно можеме да кажеме дека се едни од најубавите во нашата земја.
По краткиот ручек (подготвен од дома и напикан во тешките ранци), учесниците на семинарот тргнаа назад кон почетната точка. Околу 22.00 часот, по речиси 13 часа непрекинато движење, се вративме повторно на стартното место.
Да се учествува и успешно да се заврши Патот на шугенџа многу значи. Тоа е самоспознавање односно запознавање со сите наши физички и ментални слабости. Тоа може директно да ни посочи во кои делови од нашето тело и ум треба повеќе да вложуваме. Патот на шугенџа го изградува нашиот карактер и ги развива нашите способности до крајни граници.
Ова е повеќе од семинар. Нинпо Иккан!