Секоја година, во последната недела од месецот септември, воините на Буџинкан Македонија го одржуваат традиционалниот семинар Патот на Шугенџа.
За оваа година, учениците ја избраа рутата од подножјето на
Липац до Мокро Езеро. За разлика од минатите години, кога километражата ни беше непозната, овој пат имаме сознанија дека ќе треба да изодиме околу 40 километри во текот на денот.
Ќе ги
посетиме попатните цркви и манастири, како и останатите свети места,
каде преку медитација и молитва ќе ја надополниме загубената енергија.
Како помошни средства ќе користиме единствено стари топографски карти и
компас.
Шугендо
е древен јапонски метод кој ги истражува релациите помеѓу човекот и
природата. Во буквален превод, Шугендо значи „Пат на вежбање и
тестирање“, односно тоа е аскетска дисциплина која има за цел да
постигне самоусовршување преку повлекување во планина, медитација под
водопади и ладни реки, вежби за дишење на недостапни терени, се до достигнување на неверојатни подвизи преку тестирање на телесната и
менталната издржливост. Тие кои го практикуваат овој метод, познати се
под името Шугенџа, а учењето се практикува во Јапонија се до денешни
дни.
За
основач на учењето се смета Ен но Гјоџа, кој живеел во близина на Кјото
во 7 век од нашата ера. Другото име, по кое овие следбеници биле
познати, е Јамабуши или Планински Воини. Тие крстосувале по планинските
сртови на јапонските острови посетувајќи и заштитувајќи ги
многубројните храмови.
Некои учени веруваат дека токму овие луѓе, здружени со пребегнатите кинески генерали по падот на
династијата Танг, се сметаат за основоположници на вештината Нинџутсу.
Тема: Патот на Шугенџа / Духовно патување
Ден: 26 септември, 2010 (недела)
Место: Липац-Мокро Езеро
Програма:
07.00 часот – поаѓање од Скопје
08.00 часот – пристигнување и почеток на маршот
??.?? – враќање назад
Опрема: Земете се што имате, колку потешко-толку подобро (и побезбедно).
п.с. Не е исклучена средба со диви животни, дожд, невреме и останати непредвидени работи. Секој доаѓа на сопствен ризик.
* Пред да се пријавите, „прочепкајте“ ги информациите на нашата веб-страница од минатите години.