Постои само еден начин да се стане добар во боречките
вештини. А тој начин е секоја научена техника да се повтори по најмалку илјада
пати. Ние во Буџинкан Македонија одамна го знаеме тоа и затоа на вчерашниот
семинар строго се придржувавме до тој принцип.
Семинарот започна со еден добар марш до местото
предвидено за тренинг. Нагорниците ги искачувавме релативно брзо, пробивајќи се
низ густите грмушки и дрвја. Пролетта секогаш го буди дивиот и заспан свет,
така што попатно имавме средба со две змии од видот смок и отровниот поскок.
Наидовме и на огромен мравјалник, полн со јајца, кои ни послужија како мало
попатно закрепнување.
На семинарот се обработија сите положби на телото со
рокушаку бо (камае но ката), како и многу удари од истите. Потоа се вежбаа
техники на блокирање, техники на удирање од седечка положба, како и на тркалање
со бо.
Како и секогаш, семинарите во природа се одлична можност
за подобрување на физичката кондиција, но и за учење на нови техники за
преживување во природа.
Сите што биле на овие семинари со инструкторот Игор
Довезенски, ги паметат неговите лекции и подучувања за тоа како природата може
да се искористи максимално во наша полза во случај да треба да се засолниме во
неа, или, пак, поради било која причина, мораме да преживуваме во нејзиното опкружување.