Инструкторот на Буџинкан Македонија, Игор Довезенски, викендов зеде учество на семинарот во Будва одржан под водство на шиханот Штефен Фролих од Германија.
Тема на семинарот беше Саино Кон Ки, а големиот мајстор се обиде да го објасни нејзиното значење преку техники и кати од Гјокко Рју Кошиџутсу и Кото Рју Коппоџутсу. Семинарот се одржа под отворено небо. Првиот ден времето беше сончево и мирно, додека вториот дуваше ветер проследен со силни дождови. Сето тоа придонесе подобро да се разбере учењето на нинџутсу, како и самата природа на елементите вода (суи) и оган (ка).
За време на тренингот, шиханот честопати бараше од Довезенски да демонстрира кати и техники од Гјокко и Кото Рју, што секако претставува голема чест и доверба. Мајсторот Фролих го покани водачот на Буџинкан Македонија на заедничка посета на Хомбу Доџо-то во Јапонија, каде што Довезенски ќе полага за годан (5 дан), што секако, говори за заемната доверба и почит меѓу нив. Беше разговарано и за заедничките планови во текот на 2010 година, а шиханот даде огромна подршка за работата на Буџинкан Македонија и истакна дека можеме да сметаме секогаш на неговата помош во било која област.
Трите дена поминаа брзо и во постојано дружење со мајсторот Штефен Фролих и
неговиот ученик Штефен Шулц (7 дан), еден од најнадежните млади
германски мајстори. Се зборуваше за времето поминато при нивниот
петдневен престој во Македонија (2008 год.), при што се евоцираа
убавите заеднички мигови и спомени минати во нашата земја.
Како и секогаш, организаторот на семинарот во Будва, одлично се потруди се да помине во најдобар ред. Честитки.
На крајот, останува уште еднаш да се заблагодариме на големиот мајстор Фролих и на неговиот ученик Шулц, за прекрасното време поминато заедно и за нивното секогаш инспиративно предавање на вештината.