До каде можат да одат човечките граници?
За време на вчерашниот семинар го дознавме одговорот.
За 15 часа и 40 минути, успеавме да поминеме речиси 80 километри, под мотото: Движи се и изгори или застани и умри!
Семинарот стартуваше со 11 учесници, кои во 08:10 часот го започнаа духовното патување од почетната точка односно од подножјето на планината Липац. Движејќи се по сртовите на ридовите, за кратко време го поминавме селото Стрезовце и почнавме да навлегуваме во селото Макреш. За жал, во тој момент двајца од учесниците се откажаа. Патот го продолжија деветмина, кои навистина покажаа силна воља и посветеност да истрајат до крај. Се движевме по сувото речно корито на реката Петрошница, за потоа да се упатиме на запад кон ридот Перос. Со помош на компас и стара топографска карта, патот не одведе низ атарот на селото Добрача, а потоа во селото Бајловце се искачивме на ридот Висока (764 м), за да продолжиме да се движиме преку сртовите на околните ридови. Двежејќи се повторно на запад, влеговме во густа борова, а потоа и во дабова шума, по што излеговме право пред источното подножје на Татичев Камен во селото Кокино. Тоа беше нашата последна дестинација пред враќањето назад кон Липац. Дотука, после поминати 30-тина километри по стрмен и нерамен терен со убиствено брз ритам на движење, неколкумина од учесниците почнаа да добиват грчеви на нозете. Сенсеи Игор Довезенски на неколку пати со употреба на методи на масажа од Хичибуку Гошинџутсу, успеа на неколку пати да ги оспособи за движење. При тоа и нивната голема желба и посветеност да стигнат до одредницата го сторија своето. Сите заедно се искачивме на платото на древната мегалитска опсерваторија.
Патот на шугенџа односно враќањето на почетната точка продолжи по друга рута. Имено, водачот на Буџинкан Македонија дозволи по пат на гласање, учениците сами да изберат дали ќе се враќаат по истиот стрмен или сакаат да одбераат порамен, но доста подолг пат. Учениците ја одбраа втората опција. Маршот повторно започна со убиствено темпо. Се враќавме поминувајќи низ селата Кокино, Степанце, Пужаљка, Драгоманце, Старо Нагоричане, за најпосле, околу 20.30 часот, да излеземе пред селото Младо Нагоричане. До тука, веќе ситуацијата беше критична за повеќето учесници. Најголем дел од нив, поради целодневниот марш, имаа добиено големи рани на стопалата, потоа проблеми со колената и мускулите, а кај еден од учениците почна да се јавува блага дезорентација и халуцинации. До крајот на Патот на Шугенџа остануваа уште точно 15 километри, а на местото на појдовната точка беа оставени нашите возила со кои требаше да се вратиме назад во Скопје. Поради повредите на поголем дел од учениците, беше договорено патот да го продолжат тие кои се во можност да го сторат тоа, а останатите да чекаат се додека не се заврши со семинарот и не се вратиме со возилата по нив.
Така, во 20.40 часот, патот го продолжија четворица воини од Буџинкан Македонија: сенсеи Игор Довезенски, Горан Богдановски, Карл Кампо и младиот Антон Перчинков, кој влечејќи ги двете нозе успеа да помине уште 5 километри, за потоа и тој остане да чека да стигнеме до возилата.
Последните десет километри беа ужасни. Богдановски со проблеми со десното колено, Довезенски со крваво стопало, буквално ги влечеа нозете по правливиот пат, додека Кампо објаснуваше дека дознал како ќе биде неговото движење кога ќе наполни 80 години. При тоа, со импровизирани копја (џо стап со заврзан нож на врвот), моравме да се браниме на неколкупати од глутници овчарски кучиња. Шугендо семинарот се претвори во тест за нашата вештина за преживување. Последниот километар, не се движевме за да го завршиме семинарот, туку да стигнеме до возилата и да отидеме кај нашите другари кои во лоша состојба, со повредени екстремитети и треска, беа оставени да чекаат попатно. Во 23.50, стигнавме до целта.
На крајот, сите бевме пресреќни што семинарот успешно заврши.
Си честитавме меѓу себе и се присетивме на моментот кога во Кокино (на врвот Татичев Камен) се фативме сите за раце во круг и се обврзавме на вечно другарство. И во добро и во зло.
Досега, при контактите со лица кои вежбаат Гендаи Будо (современи боречки вештини), сме доаѓале во ситуација да објаснуваме што е тоа Корју Буџутсу (древни боречки школи) и зошто ги вежбаме деветте школи на Буџинкан Доџо. Отсега па натаму, нема да докажуваме ништо повеќе. Кој сака да дознае, нека дојде на следниот шугендо семинар.