Одржан Зимскиот Нинџа Тренинг - Начини на Преживување во Природа VII

Posted on Categories Почетна

Вчера се одржа седмиот по ред Зимски Нинџа Тренинг на кој членовите на Буџинкан Македонија имаа можност повторно да ги изучуваат начините на преживување во природа за време на најстудените месеци во годината.

Првите шест настани беа посветени на полирање на вештините за снаоѓање во шума во зимските месеци, додека од оваа година инструкторот Игор Довезенски го започна новиот циклус на предавање на вештините за зимско преживување на ридести терени односно предели.

Поради специфичноста на настанот, не би сакале преку овој извештај јавно да зборуваме за специфичностите на семинарот, бидејќи сметаме дека тие можат да се почуствуваат само преку директно учество, но затоа ќе Ви ги пренесеме импресиите на кохаи Таки Гаковски кои тој ги објави на нашиот интерен Форум.

„Уште една авантура во дневниците на боречките уметници од Буџинкан Македонија.
Времето одлично не послужи, иако не го посакувавме тоа. Беше топло во поголемиот дел од денот, а студот ни се придружи дури на крајот од семинарот. Но тоа најверојатно беше така и поради соодветното место за логорување и обука, избрано од Сенсеи..

Беше одлично да се видат златните ридови на Орљак, Еленац и на Липац, кои овој пат беа покриени со снег. Конечно им избегав на скопските магли. Бев на едно совршено место – со совршени луѓе.
После долгото пешачење по побелените ридови, пристигнавме на местото каде што се стациониравме. Веднаш почнавме со работа. Секој си имаше своја задача. Јас лично уживав во плетењето на дрвените ѕидови на засолништето. Рацете ми беа како ‘поминати низ
ренде’ и полни со трња, но тоа не предизвика да ми се смени прекрасното расположение. Откако целосно ја изградивме колибата, таа изгледаше одлично. Чувството кога ќе влезеш внатре не може да се опише со зборови.
Кога си заминавме кон Хомбу, видовме зајак како трча нагоре по ридовите. Брз и незапирлив. А небото чисто и само една ѕвезда на него. Со Шидоши Хо Марко заклучивме дека најверојатно тоа е ѕвездата на Хомбу Доџо-то. Таа што најсилно свети и го чува во ладните зимски ноќи.

На многу луѓе омилени места им се тие надвор од границите на нашата земја. Тоа се места каде можат да одат само еднаш годишно. А на мене омилено место ми е Хомбу Доџо-то, каде што можеме да одиме кога и да посакаме.

‘Нормалните луѓе’ вчерашниот ден го поминале во своите топли домови, со кафе пред мониторите. Само преку малите екрани тие можат да доживеат некаква авантура. Ги сакам семинарите во природа и затоа се толку значајни и важни бидејќи авантурите се доживуваат лично и реално!
Голема благодарност до Сенсеи за СЕ.

Уште една испишана приказна во историјата на Буџинкан Македонија“.