Нинџа Клинци-те го освоија Хомбу Доџо-то

Posted on Categories Почетна

Место класичен извештај за посетата на Хомбу Доџо-то од страна на Нинџа Клинците на Буџинкан Македонија, ќе го објавиме текстот на кохаи Сања Симонова, што таа го напиша на нашиот Форум.

„Верувајте дека чувствата од тој ден никогаш не можат да избледат или да се заборават. Колку само им верувам на дечињата кога кажуваа дека тоа им бил најубавиот ден од кога се деца, бидејќи и мене ми беше најубав ден од кога не сум дете.
Сите беа на зборното место во договореното време. Којзнае и дали спиеле ноќта. По патот се чувствуваше неверојатно позитивна енергија и детски џагор (од нетрпение) да стигнат побрзо.
Кога стигнавме, по кратка пауза, Таки одма ги прошета низ дворот околу доџо-то и им раскажуваше за историјата на Пат кон Сонцето. Јас се зачудив со каква енергија, знаење и внимание им се обраќаше на клинците. Мислам дека секој сантиметар од доџото го познава, точно знае кога и што треба да каже или да покаже, со што го имаше нивното целосно внимание.
Додека бевме внатре, им раскажуваше за оружјата, за сликите, за се што може да се види на ѕидовите и се беше до тој степен магично, што мене на момент ми заличи на документарна емисија за деца.
Тренинзите поминаа одлично. Децата се златни, прекрасни… не знам како да кажам, многу ги сакам сите.
Не можеш да подучуваш, а истовремено да не бидеш подучен. Полека ми станува малку од малку јасно, како е да се работи со толку многу деца на таква возраст и навистина тоа е особено важен процес за сите нас. 
Во летниковецот беше права занимална. Си мацкаат од манџата, сркаат од гравчето, се фотографират. Едно бара репете, друго вика ’ова е најубавиот патлиџан во мојот живот’…
Слободното време беше искористено за прошетки, запознавање со природата и со животинскиот свет.
Ги слушам се прашуваат меѓу себе: ’Денес ќе си одиме во Скопје’? Другото одговара: ’Да’. И првото му вели: ’Аааа, море јас ќе си заспијам тука, па да видиме’…
Беше многу убав сончев ден, исполнет со многу љубов и радост, ден во кој се оствари еден сон на многу дечиња, а мене ми е бескрајно мило што имав можност да бидам дел од тоа. Огромна е благодарноста кон Сенсеи и кон Таки, бидејќи благодарение на нив можев да се ’завртам на рингишпилот’ во тој прекрасен детски свет. 
Нека растат децата. Нека расте секцијата на Нинџа Клинци-те, а ние сме тука да ги подржиме максимално на Патот. Кој еднаш ќе го пронајде Патот, нема скршнување“.