Одржан семинарот „Харагеи II“

Posted on Categories Почетна

На врвот на ридот Еленац, членовите на Буџинкан Македонија вчера го одржаа вториот по ред семинар посветен на техниките за Харагеи односно чувствувањето на промените кои се случуваат околу нас. Шибањето на ладниот ветер ниту за миг не претставуваше пречка да се навлезе уште подетално во тајните на медитацијата и самоспознавањето.

Наместо извештај, ќе ги пренесеме чувствата на учесниците споделени на нашиот Форум, веднаш по завршувањето на семинарот.

Марко О. – „Неможам да го опишам чусвтвото на мирисот од билките на Еленац, на воздухот што доаѓа од недопрената природа на Липац, од потта што тече предизвикана од нашиот труд додека се качуваме нагоре на „сите четири“. Од ветерот што ви ја надразнува кожата и од сонцето што ја буди енергијата. Од луѓето кои со своето присуство ве прават да се чувствувате убаво и среќно. Харагеи е посебна приказна. Техниките треба да се практикуваат секој ден и да одат паралелно со физичкиот тренинг, бидејќи тоа што Сенсеи денеска ни го раскажа, предаде и објасни е школо за животот воопшто. Учевме како да дишиме, како да бидеме здрави. Се сретнавме со четири нови вежби, за кои треба многу часови тренинг. Мислам дека сите бевме импресионирани од денешниот семинар и ова ќе ’не држи’ со денови, па и со недели. Едно искачување на Липац е квалитетна терапија за душата и телото. Замислете си за 10-15 години, сите повторно собрани на истото место, но со дечиња во раце на кои ќе им раскажуваме за прекрасните денови минати со подучувањата на Сенсеи“

Владимир А. – „Јас само на кратко ќе заклучам дека многу повеќе разбрав сега, кога ги повторуваме по втор пат вежбите, отколку кога ги вежбавме првиот пат“.
Тодор А. – „Не знам од каде попрво да почнам. Иако времето не не послужи комплетно како што се надевавме, мислам дека може да се каже дека семинарот е повеќе од успешен. Почнувајќи од искачувањето на Еленац, кое што повеќе те полни со енергија отколку што те празни, па се до спуштањето кон Еленачки Кладенац. Тука е и движењето низ мракот, проследено со најразлични дискусии. Што се однесува до тренингот, морам да признам дека не можам сите техники да ги разберам и веднаш да ги применам. Но тие што можам, ги вежбав со поголемо разбирање и по продлабочено сфаќање, за разлика од минатата година. Забележав и дека концентрацијата беше многу поголема кај вежбачите што учествуваат по втор пат, со исклучок на Сања, бидејќи на неа овие техники и ’легнаа од прва’. Третиот пат очекувам да биде уште подобро, но само ако до тогаш ги практикуваме вежбите и по дома, како што ни напомена сенсеи. На крајот за храната за време на паузата. Мојата беше посна, но ми беше поубава и повкусна од било која друга бидејќи ја јадев во друштво со вас“.