Специјален Кенџутсу семинар за Буџинкан Шинган Доџо (Романија)

Posted on Categories Почетна

Викендов што измина, шидоши Игор Довезенски одржа семинар организиран исклучиво за членовите на романското Буџинкан Шинган Доџо, на тема „Основите на класичното јапонско мечување“. Настанот беше реализиран во скопското доџо на Буџинкан Македонија, а во предавањето помогна и помладиот инструктор Марко Опачиќ.

Специјално за семинарот, од Романија допатуваа инструкторот Каталин Сореану, заедно со тројца негови ученици, кои во текот на саботата и неделата неуморно ги вежбаа и повторуваа основните техники на јапонското кенџутсу, при тоа прецизно следејќи ги лекциите и советите на инструкторот Довезенски. За време на настанот, учесниците од Романија покажаа голема страст и желба за совладување на вештината на самурајското мечување, така што ниту еден момент не подзастанаа со тренингот. 
Слободното време, кое заради интензитетот на семинарот овој пат навистина недостасуваше, беше искористено за посета на централното градско подрачје на Скопје, каде што Романците уживаа во убавините на градот. Тие ги испробаа и надалеку прочуените македонски специјалитети, по што самите изјавија дека нашата кујна е една од највусните што досега ги пробале. 
Задоволни од наученото, членовите на Буџинкан Шинган Доџо го поканија инструкторот Довезенски да одржи уште еден семинар, но овој пат во нивниот роден град Јаши, познат културен и универзитетски центар во Романија. 
Семинарот ќе се одржи во март и во оваа прилика ги покануваме сите заинтересирани, без разлика на нивото на знаење или на вештината, да земат учество на настанот и да се запознаат со основите на самурајското кенџутсу. 
За повеќе информации, можете да се обратите директно на инструкторот Каталин Сореану, преку неговата веб-страница: http://www.shingan.ro