Инструкторот Игор Довезенски на усовршување во Јапонија

Posted on Categories Почетна

Во периодот од 11 до 28 септември, инструкторот Игор Довезенски престојуваше во Јапонија со цел уште повеќе да го надогради знаењето, учејќи директно од своите јапонски учители, како и од нивните најдобри шихани. 

За време на престојот, шидоши Довезенски вежбаше секојдневно по 8 часа, патувајќи во различни градови и посетувајќи различни доџо-а.
Најголем дел од своето време, инструкторот го помина во доџо-то Шимбукан, на легендарниот учител Рисуке Отаке.
Инаку, сенсеи Отаке е единствениот мајстор за традиционални боречки вештини во Јапонија кој од државата е прогласен за „живо национално богатство“. Неговото доџо Шимбукан е седиштето каде што се изучува најстаратата документирана јапонска боречка школа – Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу. Лично од сенсеи Рисуке Отаке, Довезенски беше подучуван на кенџутсу катите од нивото Омоте. Истовремено и најстарите членови на Шимбукан му пренесоа дел од своето големо знаење, преку корегирање на веќе научените техники. 
Игор Довезенски е првиот Македонец што вежбал во доџо-то Шимбукан и кој бил подучуван лично од учителот Рисуке Отаке.
За време на усовршувањето во земјата на изгрејсонцето, водачот на Пат кон Сонцето вежбаше и во Хомбу Доџо-то на Масааки Хатсуми, последниот жив нинџа мајстор и наследник на девет традиционални јапонски борбени школи. Истовремено, тој посетуваше и приватни часови кај неколку јапонски шихани, од кои имаше можност подетално да научи за некои аспекти и принципи на школите кои што се изучуваат во организацијата Буџинкан.
За време на еден од часовите во Хомбу, соке Масааки Хатсуми лично му додели хачидан (8 дан) на инструкторот Игор Довезенски, при тоа изразувајќи го задоволството од досегашната работа на македонскиот инструктор во ширењето на вештините на неговата организација. При тоа, соке Хатсуми се интересираше за Македонија, како и за моменталната ситуацијата што владее во неа.
Игор Довезенски е првиот Македонец од Република Македонија што вежбал во Хомбу Доџо-то на Буџинкан и засега останува единствениот претставник на организацијата за нашата земја, признаен лично од поглаварот Масааки Хатсуми. 
Покрај посетата на многубројните музеи и доџо-а, со цел уште подлабоко да навлезе во сржта на јапонските традиционални боречки вештини, вреди да се споменат и тренинзите за Даито рју Аикиџуџутсу, кои инструкторот Довезенски ги имаше со сенсеи Јонеда во градот Кавасаки. 
Инаку, овој учител за Даито рју е личен пријател на сенсеи Антонино Черта, со кого пред многу години заедно ја изучувале оваа вештина кај последниот наследник Токимуне Такеда. Искуството здобиено на овие тренинзи е од непроценлива вредноста за натамошното усовршување на вештината од страна на Довезенски. 
За да се опишат чувствата и за да се пренесат искуствата здобиени при престојот и тренинзите во Јапонија, би биле потребни илјадници страници, па затоа овој извештај ќе го завршиме со упатување на благодарност од страна на инструкторот Довезенски кон своите учители, ученици и пријатели за постојаната подршка за неговата работа во областа на боречките вештини.