Извештај за 2013 година

Posted on Categories Почетна
Во минатогодишниот извештај, споменавме дека за прв пат од основањето на нашата организација не сме 100% задоволни од нашите резултати. Тоа се должеше на фактот што неколку напредни ученици се откажаа од тренингот и заминаа од нашето доџо. Долгогодишното вежбање и дружење со членовите, резултира со емотивно поврзување, а потоа и тага кога тие ќе одлучат да заминат.
 
Но, изгледа конечно го надраснавме тоа. Пораснавме и сфативме дека не може секој до крај да опстои на Патот. Сфативме дека не треба да жалиме по тие кои си заминуваат, туку да се радуваме на тие кои продолжуваат да чекорат рамо до рамо со нас. Да ги делат среќните и тажните моменти кои се случуваат во доџо-то. На крајот на краиштата, се покажа и дека многумина кои заминале, повторно се враќаат меѓу нас и продолжуваат по Патот.
  
Годинава што измина, беше неверојатно успешна за Организацијата за изучување на јапонски класични борбени вештини „Пат кон Сонцето“.
 
Ќе почнеме со организирањето на меѓународните настани во нашата земја. На наше големо задоволство, во неколку дневна посета беше нашиот учител за Даито Рју Аикибудо, шиханот Антонино Черта. Тој одржа семинар во доџо-то под Липац и со тоа стана првиот корју – мајстор кој подучувал во нашето Хомбу. Што со однесува до случувањата поврзани со Европската Даито Организација (European Daito Kai), инструкторот Игор Довезенски на почетокот на годинава беше назначен за одговорен за ширењето и подучувањето на Даито рју Аикиџуџутсу на територијата на Југоисточна Европа, како и шибу чо (водач на огранокот) во Македонија. Исто така, тој положи за мајсторско звање (шодан) и се здоби со титулата Шидоин. 
На почетокот на годината, инструкторот Игор Довезенски беше на еднонеделна обука во Амстердам (Холандија) и стана личен ученик на шидоша Ерик Лоув. Инаку, сенсеи Лоув е еден од првите нејапонски мајстори на најстарата јапонска боречка школа, Теншин Шоден Катори Шинто рју.  Во септември, Довезенски положи крвна заклетва (кеппан) пред главниот шихан за оваа древна вештина, Нобутоши Отаке, а со дозвола на сенсеи Лоув, ја отвори првата секција за Катори Шинто рју во Македонија и на Балканот. 
Што се однесува до домашните семинари, оваа година „растуривме“. Сите три доџо-а на Пат кон Сонцето, организираа вкупно 21 семинар на кои шидоши Довезенски несебично го предаваше своето знаење на учениците. Од нив, шест се одржаа во скопското доџо, девет беа интензивни во Хомбу и шест беа во природа. Покрај ова, Довезенски ја одржа и традиционалната Работилница за самоодбрана за жени, а секако, значајно место зазема и одржувањето на Летниот Нинџа Камп
Оваа година за последен пат ги одржавме нашите надалеку прочуени подвизи „Преживување во Природа“ и „Патот на Шугенџа“. Одлуката да бидат последни беше тешка, но мораше така да биде. Од друга страна, тие ќе бидат заменети со нови настани кои ќе дадат нов дополнителен импулс во нашата работа.
Од другите настани вреди да се спомене и семинарот организиран од страна на Клубот за мешани боречки вештини (ММА) – „Стршлен“, на кој инструкторот Игор Довезенски подучуваше за Нинпо Не Ваза системот. Соработката со нив ќе продолжи и во иднина, а Довезенски и понатаму стои на располагање на сите практичари на боречките спортови кои сакаат подобро да се запознат со класичните јапонски боречки вештини (корју).
 
За време не декемвриското полагање, 14 ученици положија за повисоко звање. За прв пат беше организирано полагање за деца, на кое Косара Д. и Ксенија Д. успешно положија за 10 кју, а Буџинкан Македонија доби и нов семпаи (Тина Д.). 
И оваа година имавме неколку покани за гостување во јавните медиуми, но проценивме дека истите не се најсоодветни за претставување на нашата работа, па ги одбивме. Присутни бевме единствено во неколку веб-портали, кои се занимаваат со теми од областа на здравата исхрана и спортот. 
На крајот уште да го споменеме пуштањето во употреба на нашата нова веб-страница www.koryu.mk, како и редизајнот на веб-страниците www.bujinkan.org.mk и www.daito.koryu.mk.

Тема во Буџинкан Македонија за 2014 година ќе биде школата Кото рју Коппоџутсу. Имаме многу планови за во новата година и се надеваме дека со напорна работа и посветеност, ќе успееме да ги реализираме. 
Нинпо Иккан. Среќна Нова 2014 година !!!